Министерот за европски прашања од редовите на „Вреди“ не верува оти ќе има предвремени парламентарни избори заедно со локалните бидејќи мнозинството е стабилно
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат договор за одредени закони што се носат со двотретинско мнозинство бидејќи на партијата на Али Ахмети, како што вели, ѝ е многу важно да се одржи жива перцепцијата дека брзо ќе се врати на власт и токму затоа е спремна да гласа за сè што ќе биде потребно.
„Тие ќе гласаат сè што треба за да ја одржат во живот идејата дека тие би можеле брзо на локалните избори да се вратат на власт. Мислам дека е само политичка авантура во функција на локалните избори“,
рече министерот.
Дополнително, тој вели дека не верува оти ќе има предвремени парламентарни избори заедно со локалните бидејќи мнозинството е стабилно, но и дека не гледа можност за коалиција помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ оти владејачката партија неколкупати во минатото констатирала дека претходната влада, во чии рамки беше ДУИ, била крајно корумпирана.
„Ние и како влада јавно сме соопштиле дека претходното владеење е оценето како коруптивно и тоа ќе треба низ институциите на системот да се санкционира“,
кажа Муртезани.