При донесување конечна одлука за оценување на уставноста на членот 11-а од Законот за помилување, треба да бидат земени предвид одговорите од доносителот на оспорениот акт – Собранието и евентуално и другите учесници во постапката, како на пример Владата, вели претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.
Тој во интервју за МИА објаснува дека оваа постапка е во втора фаза, односно дека Судот со одлучувањето да поведе постапка изразил сомнеж во уставноста на оспорениот закон при што е потребно да се утврди текстот на решението за поведување постапка каде што ќе се образложат причините поради кои Судот одлучил вака да се постапи.
Следната фаза би била таквото решение да се достави до Собранието и до Владата, чии одговори треба да се земат предвид при конечната одлука.
– Затоа, неблагодарно е да се врзуваме за фиксни рокови, но јас ќе се залагам сите предмети, вклучувајќи го и овој, почитувајќи ги сите деловнички одредби и рокови, да бидат решавани ажурно и навремено – вели претседателот на Уставен.
Собраниската Законодавно-правна комисија пред два дена едногласно одлучи дека барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување поднесено од двајца пратеници од СДСМ не е оправдано затоа што не може да толкува норма што не постои.
Овој извештај треба да се усвои на пленарна седница, а пратениците очекуваат дека со ова практично ќе го запрат Уставниот суд воопшто да одлучува за помилувањата.