Претседателот на судот вели дека не треба да се прејудицира ставот во однос на одлуката за распуштање на парламентот, за која утре, на работен состанок, ќе се расправа дали ќе биде оформен предмет по службена должност
Уставниот суд, по завршувањето на утрешната седница, на работен состанок ќе расправа по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста на одлуката за распуштање на парламентот.
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во интервју за МИА вели дека по однос на одлуката за распуштање на Собранието моментно не е оформен предмет за оценување на нејзината уставност и законитост. Но понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на утрешниот работен состанок.
Судот, претходно, на седницата одржана на 8 и на 15 април 2020 година, со мнозинство гласови, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлуката за распуштање на Собранието. Но, минатиот четврток (30 април), судијата Осман Кадриу доставил предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што за утре е закажан работен состанок на судиите.
Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.
Секако, истакнува претседателот на Уставниот суд, тоа е хипотетички не значи однапред прејудицирање на таква одлука, која треба да биде донесена по претходна расправа за ова прашање.
Пред уставните судии утре треба да се најде и првата одлука на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
„По однос на втората одлука на претседателот за утврдување вонредна состојба, можам да ве информирам дека има оформен посебен предмет и штом се изготви реферат ќе биде предложен за разгледување на седница на Судот. Досега имаме примено иницијативи за уставноста и законитоста на речиси сите донесени уредби со законска сила од страна на Владата. Се работи за огромен прилив на нови предмети за краток период и најголемиот дел се веќе дадени во работа, при што повторно нагласувам, веднаш штом ќе бидат изготгвувани рефератите по овие предмети ќе бидат на дневен ред за одлучување“, вели Мурати.
Во однос на укинувањето на владината Уредба со која се предвидуваше избраните и именувани функционери да земаат минималец, наместо редовните плати за април и за мај, Мурати вели дека оваа одлука на Уставен суд не е против солидарноста во борбата против коронавирусот, туку едногласен став на Судот е дека уредбите со законска сила како што е оваа, мора да бидат во согласност со Уставот и со законите.
„Никој од судиите не ја оспори или е против легитимната цел – обезбедување средства за борбата со пандемијата, туку е спорен начинот на кој тоа е сторено – преку норми за чија неуставност и незаконитост постои основано сомнение. Заштитата на уставноста и законитоста е уставна задача на Судот и тој мора да реагира и да ги обезбеди и во услови на вонредна состојба. Што се однесува до донирањето средства пред некој ден на прашање од еден од медиумите одговорив дека јас лично ќе донирам 20 проценти од мојата нето плата за месец април и дадов предлог до другите мои колеги, но сепак тоа е лична одлука“
вели претседателот на Уставниот суд во интервју за МИА.