Секогаш велам единството на сите нам ни е многу важно. МПЦ-ОА ја има сета своја канонска структура, еден жив организам. Ако веќе се повикуваме на каноните секогаш постои во една држава во свои граници и имаше право да биде признаена, нагласува бискупот скопски Стојанов
Бискупот скопски Киро Стојанов вели дека Македонската православна црква-Охридска архиепископија ја има својата канонска структура и затоа имаше право да биде признаена.
„Веста за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство ја примивме со една голема радост. Мислам дека и македонската јавност добро знае дека Католичката црква од самото прогласување на автокефалноста на МПЦ во 1967 година се однесуваше со една голема почит и секогаш делегациите за празникот во чест на „Св. Кирил и Методиј“ во Рим беа примени и кај светиот отец Папа, но и на гробот на Свети Кирил. Оваа убава радосна вест беше примена и кај нас во Католичката црква во Македонија, но беше примене и во самиот престол Ватикан. Јас секогаш велам единството на сите нам ни е многу важно. МПЦ-ОА ја има сета своја канонска структура, еден жив организам. Ако веќе се повикуваме на каноните секогаш постои во една држава во свои граници и имаше право да биде признаена“,
истакна бискупот скопски Стојанов во интервју за вечерните вести на ТВ Сител.
Стојанов кажа и за повикот кој го добил вечерта пред објавувањето на радосната вест од претставници на МПЦ-ОА.
„Добив повик навечер пред самиот празник „Св. Кирил и Методиј“ и беше прашање дали е можно моштите на Свети Кирил да бидат во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ затоа што утре очекуваме еден голем ден. Повеќе не прашав ништо, беше само прашањето бидејќи моштите кои единствено ги имаме на Свети Кирил во Македонија беа во Охрид. Доцна во ноќта од Охрид беа донесени во Скопје, а другиот ден, на самиот празник лично ги однесов во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ заедно со моите придружници“,
раскажа Стојанов.
Тој додаде дека сосема нормално е ако од самото прогласување за автокефалноста на МПЦ-ОА наша делегација одеше да се поклони на гробот на Свети Кирил во Рим тогаш моштите требаше да бидат и во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.
„Практично Свети Климент е негов ученик и ете веста ја примивме со една голема радост и многу ми значи како такво евхаристичното или литургиското единство кое сега го има МПЦ-ОА со останатите православни цркви. Тоа има едно големо значење и за нас како Католичка црква и сметам дека односите со сите верски заедници но и со МПЦ што би рекол неговото Блаженство „не добри, туку се одлични“. Дај Боже засекогаш така да останат и секогаш Свети Климент и Свети Кирил да не следат, а самиот Исус да ни носи мир, разбирање и заедништво“,
додаде бискупот скопски Стојанов.