„Невозможно е да донесете закон со ретроградно дејствие, така што измените ќе бидат за сите оние што ќе стапат на функциите после локалните избори предвидени за ноември. Не можеме ние да менуваме закони согласно персонални решенија. Ние едноставно сакаме да ја подобриме ситуацијата и состојбата на локално ниво“, изјави денеска министерот за локална самоуправа прашан дали има планови за отповикување на некој од актуелните градоначалници, конкретно на Град Скопје, Данела Арсовска
Измените на Законот за локална самоуправа треба да бидат донесени до претстојното лето, а новите одредби во него, меѓу кои главната е можноста за референдумско отповикување на градоначалник, ќе важи за оние што ќе бидат избрани на оваа функција на локалните избори кои треба да се одржат во октомври/ноември годинава.
Ваквите очекувања и информации поврзани со планираните законски измени денеска во изјава за медиуми ги сподели министерот за локална самоуправа Златко Перински пред почетокот на денешната четврта и последна консултативна средба во врска со измените на Законот.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали ако измените на Законот се усвојат до лето, има планови за покренување иницијатива за отповикување на некој од актуелните градоначалници, Перински рече оти е невозможно законот да важи ретроградно.
Од страна на новинарите конкретно беше спомената градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за која по судирот со ВМРО-ДПМНЕ, кратко откако беше избрана на функцијата со поддршка на оваа партија, имаше повеќе повици да си поднесе оставка или да биде отповикана со измена на Законот за локална самоуправа.
Според ресорниот министер, кој отворено кажа дека сака да ја наследи Арсовска на функцијата, новиот закон ќе ги опфати новите градоначалници кои, како што изјави, ќе ги добијат своите мандати после ноември.
„Невозможно е да донесете закон со ретроградно дејствие, така што измените ќе бидат за сите оние коишто ќе стапат на функциите после локалните избори предвидени за ноември. Не можеме ние да менуваме закони согласно персонални решенија. Ние едноставно сакаме да ја подобриме ситуацијата и состојбата на локално ниво и сите оние чинители, сите оние кои се засегнати од ова законско решение да имаат поквалитетно и поиздржано решение“,
рече Перински.
Прашан кога очекува да бидат донесени измените, имајќи ги предвид препораките на ОБСЕ шесте месеци пред избори да не се менуваат законите, Перински на наведе временска рамка, според која, како што кажа, предлог-измените треба да бидат подготвени до 30 март и веднаш потоа да влезат во собраниска процедура откако претходно ќе бидат усвоени на владина седница.
„Навистина станува збор за едно системско решение, системски закон за којшто беше неопходно да имаме навистина широка јавна дебата за да ги слушнеме мислењата од сите чинители и навистина тоа и го направивме. Некаде после 30 март веќе ќе биде оперативен законот во насока на тоа предлог-измени да се валидизираат од релевантните институции, така што јас очекувам некаде до летото да се заврши целиот процес. И нам ни е важно новите градоначалници, практично новите кандидати да бидат избрани согласно новиот Закон за локална самоуправа, така што отприлика очекуваме некаде до летото да ја завршиме целата постапка“,
рече министерот за локална самоуправа.
Тој уште еднаш повтори дека главна иницијација за отворање на Законот е воведување на можноста за референдумско отповикување градоначалник, а со измените се предвидува и воведување на комунален надзор, како и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.
Денеска во Скопје се одржува последната од предвидените четири консултативни средби, на која своите мислења и ставови вов врска со измените треба да ги изнесат градоначалниците од Скопскиот и Североисточниот регион, експерти и претставници од невладиниот сектор.
Претходните три средби се одржаа во Битола, Штип и Гостивар.