Во пресрет на најавените обиди да се обезбеди двотретинска поддршка во парламентот за уставните измени со кои треба да се финализира ратификацијата на договорот од Преспа, распоредот на силите во Собранието е во сооднос 72-ца пратеници на страната на владината коалиција и албанската опозиција што го поддржува договорот со 48-мина на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
Од 72-цата на едната страна, треба да се изземе Ферид Мухиќ, кој со оглед на тоа што не гласаше за ратификацијата на договорот, можно е да не гласа и за уставните измени, што го сведува кампот „за“ на 71 глас.
Тоа значи дека за да се стигне до неопходните 80 пратеници што би поддржале уставни измени, потребни се уште најмалку 9 гласа „за“, кои треба да се бараат меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери.
Во оваа бројка од 48 пратеници се Бошњакот Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ, Панчо Минов од ГРОМ, тројца пратеници на Социјалистичката партија на Ѕинго – Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов. Од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера на гласање излегоа координаторот Драган Данев, потоа Даниела Рангелова и Крсто Јовановски, но тие изјавија дека нема да ги поддржат уставните измени.
Во вакви околности, во кои двотретинското мнозинство се чини тешко достижно, другата опција се нови предвремени парламентарни избори. И тоа кон крајот на ноември. Идејата на власта е целиот камп „за“ да настапи со заеднички листи за пратеници и така да се обиде да стигне до двотретинско мнозинство во новиот парламент. Оваа опција, според синоќешните одговори на Христијан Мицкоски, се чини дека не е добредојдена за ВМРО-ДПМНЕ.
Напишете коментар