„Ако има желба, Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени. Ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму, има можност за тоа, како и дека ќе бидат потребни гаранции дека нема да има дополнителни билатерални услови од Софија со посредништво на Европската Унија“, рече премиерот во синоќешното гостување на ТВ 24
Според министерот за транспорт, уставните измени на ниту еден начин не се поврзани со Преговарачката рамка затоа што, како што вели тој, Преговарачката рамка е нешто што би се случувало откако ќе се заврши првата меѓувладина конференција, а согласно диктатот што се прифати за да се заврши истата треба да се завршат уставните измени под бугарски диктат. Николоски додаде дека Преговарачката рамка утврдува што се преговара, а ова е, како што рече, во протоколите што претходат на Преговарачката рамка

Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт Александар Николоски на првиот работен ден од новата влада, во одвоени телевизиски гостувања, излегоа со различни изјави околу Преговарачката рамка со Европската Унија во контекст на прашањето со Бугарија.
За Мицкоски, Преговарачката рамка со ЕУ може да претрпи промени, додека според министерот за транспорт Александар Николоски проблемот не е во Преговарачката рамка, туку во протоколите што ѝ претходат.
Николоски на првиот ден од неговиот мандат рече дека земјата не е подготвена за уставни измени под бугарски диктат и додаде дека тоа го кажал и партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање во Собранието.
Според Николоски, уставните измени на ниту еден начин не се поврзани со Преговарачката рамка затоа што, како што вели тој, Преговарачката рамка е нешто што би се случувало откако ќе се заврши првата меѓувладина конференција. Николоски додава дека согласно диктатот што се прифати за да се заврши истата треба да се завршат уставните измени под бугарски диктат.
„Ние тоа не го прифаќаме. Од истото ова студио сум давал решенија. Тука беше хрватскиот модел, тука беше решението што го напишавме во нашата програма и тоа стои и денеска на маса, а тоа е дека ние сме спремни за уставни измени со одложено важење кои би важеле само кога Македонија ќе ги заврши преговорите со ЕУ како Бугарија не би имала можност да става вето на отворањето на секое поглавје“,
рече Николоски во синоќешното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител.
На новинарската забелешка оти неодамна изјавил оти никогаш не барале промена на Преговарачката рамка, Николоски рече дека тоа го кажувал и кога партијата била во опозиција затоа што, додаде тој, постоеше манипулација од досегашната власт дека ВМРО-ДПМНЕ бара промена на Преговарачката рамка и дека Преговарачката рамка не може да се менува.
Николоски додаде дека Преговарачката рамка утврдува што се преговара, а ова е, како што рече, во протоколите што претходат на Преговарачката рамка.
„Ние сме секогаш многу прецизни во изразувањето за разлика од нашите политички противници коишто работата ја работеле колку да ја работат и затоа паѓаат во вакви стапици“,
рече Николоски.
На новинарско прашање дали очекуваат промени и измени во тие протоколи, Николоски рече дека ЕУ треба да е одговорна кон процесот и да ја натера Бугарија да не го блокира процесот на преговори на Македонија.
„Ние очекуваме дека Бугарија ќе е одговорна кон себе и ЕУ и ќе е одговорна кон процесот и дека ќе ја натера Бугарија да не го блокира процесот на преговори на Македонија, а доколку толку им значи да бидат Бугарите дел од Уставот тоа да се случи кога ќе сме на рамноправна основа и на иста маса со Бугарија при членството во ЕУ“,
одговори Николоски.
Прашан дали веќе разговараат со претставниците на ЕУ и има ли реални очекувања да се случи такво нешто, Николоски рече дека тоа не може да се случи за еден ден, но оти министерот за надворешни работи сериозно ќе работи по ова прашање.
Синоќешното телевизиско гостување на Николоски во однос на ова прашање се разликува од она што го кажа премиерот Христијан Мицкоски, неколку часа подоцна во емисијата „Анализа“ на Телевизија 24, каде што нагласи дека Преговарачката рамка со ЕУ може да се промени.
„Ако има желба, Преговарачката рамка со Европската Унија може да се промени. Ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму, има можност за тоа, како и дека ќе бидат потребни гаранции дека нема да има дополнителни билатерални услови од Софија со посредништво на Европската Унија“,
рече Мицкоски.
Според него, кога ќе има политичка влада во Бугарија, подготвен е да преговара по најмалку три решенија. Патот по кој се одело досега, како што вели Мицкоски, не поминува веќе кај народот оти била направена грешка, па затоа ,според него, треба да се бара решение.
На почетокот на овој месец евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека прашањето за уставните измени е непроменето и ќе биде нешто кое новата влада ќе мора да го реши директно. Пораката на Гир следуваше откако тој беше прашан за усвојувањето на уставните измени како услов за продолжување на пристапниот процес.
Oсврнувајќи се на постигнатиот договор со официјална Софија со кој земјава се обврза на уставни измени за вклучување на Бугарите, Гир вели дека овој дел од договорот е непроменет и оти новата влада ќе мора да го реши.
Евроамбасадорот не ја исклучува можноста новата влада повторно да преговара со Бугарија, но додава „отсекогаш велев дека имаме договор којшто беше постигнат со големи тешкотии, тешко ми е да замислам дека би било можно да се пронајде подобар договор, и не гледам можност за промени во Преговарачката рамка“.