„Ако направиме паралела со традиционалните медиуми, тоа значи да има тројца вработени со полно работно време“, вели во дебата во „360 степени“ на МРТ 1 директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, институција која ќе треба да го води регистарот на интернет портали. Во дебатата, покрај Зоран Трајчевски, учествуваат и министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновки и извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски

360°: Во нацрт-измените на Законот за медиуми се оперира со термин „најмлаку три лица во редовен работен однос“. Го отворив Законот за работни односи, и таму „редовен работен однос“ не постои како термин. Дали утре во АВМУ може да се појави проблем при регистрација на одреден портал, што ќе подразбираат правниците под „редовен работен однос“?
Трајчевски: Ако направиме паралела со традиционалните медиуми, тоа значи да има тројца вработени со полно работно време. Ако е проблематична дефиницијата, мислам дека тоа го кажа министерот – во владина или собраниска процедура ќе биде усогласена. Можеби сега, во оваа фаза, Секретаријатот за законодавство, ќе каже точно како треба да биде терминот, меѓутоа кога се зборува за редовен работен однос се мисли на тројца вработени новинари со полно работно време.
360°: Јас ќе потсетам на случајот со надзорот над „Бехтел и Енка“ – ако се сеќавате, една од фирмите во победничкиот конзорциум прикажа соодветен број вработени, со вработени над 40 часа, значи во дополнително работно време. Законот дозволува уште 10 часа да можете да работите на друго место. ЈПДП, во таа јавна набавка, тие пријавени во таа фирма над 40 часа ги призна за вработени. Велам, да не се доветете во таква ситуација, министре.
Андоновски: Од коментарите и дискусиите кои што ги имавме изминатиот период дадов насока да се внимава на ова прашање и мислам дека во последните усогласувања коишто се во тек во моментов ќе го имаме разрешено ова прашање. Инаку, се согласувам со ставот дека ние треба да размислуваме на полно работно време и редовен работен однос, не ангажман на договор на дело, не ангажман на 2, 3, 5 часа дополнителна работа туку на полно работно време, тројца со полно работно време.
360°: Што ако но денот на регисрирање некој портал ги има тројцата вработени, а од утредента веќе ги нема. Вие имате ли механизам тоа толку брзо да го проверувате?
Трајчевски: Не зборуваме за часови или неколку дена, но ние имаме соработка и потпишан момарандум за соработката со Агенцијата за вработување. Истото се случуива и со трдационалните медиуми, тие имаат поголем број вработени, но се случува во одреден дел од годината, посебно зборувам за помали медиуми, да ги отпуштат вработените. Меѓутоа, ние повеќе пати во текот на годината самоиницијативно проверуваме, правиме контрола во Агенцијата за вработување и гледаме дали се исполнети условите, а некогаш тоа го правиме и по пријава или претставка. Така што, мислам дека не им е од интерес на сериозните медиуми да прават вакви ситуации… Сега овде зборуваме дека сакаме да надминеме проблеми коишто ги имаше изминатиот период и општеството се жали на тоа да се објавуваат дезинформации, лажни вести, клеветеи, политички измислици од страна на портали за коишто потоа, кога ќе сака тој што е застегнат дали станува збор за физичко лице, политичка партија, друго правно лице, едноставно нема против кого да презема активност. Сега да го избегнеме тоа, а од друга страна, да се подигне нивото на професионализам. И трета работа, тоа што рековме, во иднина, со измени на Изборниот законик да учествуваат во распределбата на средствата само оние портали коишто ќе бидат навистина професионални.