Во консултација со стручни лица, како што кажа првиот човек на ЈП „Улици и патишта“, Борис Настов, одлучено е дупката на мостот во Драчево да се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, кои ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа по реконструкцијата на коловозна плоча. Тој истакна дека санацијата на мостот би требало да започне од сабота, а според предвидената работа и во зависност од временските услови би требало да биде саниран до почетокот на идната недела
Првиот човек на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, Борис Настов, денеска го најави техничкото решение за санација на оштетениот мост во Драчево откако во јавноста се појави информацијата оти на мостот над Маркова Река се наоѓа голема дупка.
Во консултација со стручни лица, како што кажа Настов, одлучено е дупката да се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, кои ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа по реконструкцијата на коловозна плоча.
„Во подготвителните работи за санацијата следува механички да се отстранат лабилните бетонски површини, потоа се става антикорозивна заштита на арматурата, се поставува арматурна мрежа и се залива отворот со самозаливен малтер“,
вели Настов.
Директорот на „Улици и патишта“ нагласи дека санацијата на мостот ќе се заврши за два дена, сметано до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, од причина што во еден период од 20-ина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10 км/ч.
„Генералната состојба на мостот е мало локално оштетување на плочата од коловозот, што може да се смета за најлесна можна категорија на оштетување на носечката конструкција на еден мост. Притоа, стабилноста и носивоста на мостот воопшто не е доведена во прашање, туку во овој момент имаме само состојба на мало локално оштетување на плочата од мостот и кое лесно и брзо ќе се санира“,
додаде тој.
Настов истакна дека санацијата на мостот би требало да започне од сабота, а според предвидената работа и во зависност од временските услови би требало да биде саниран до почетокот на идната недела.
Директорот исто така истакна дека генералната забелешка на градежните стручни лица за причините на настанување на дупката на мостот кој е стар повеќе од 40 години се несоодветното одржување на горниот строј на мостот, неизведена хидроизолација помеѓу армиранобетонската плоча и асфалтната подлога, односно несоодветен заштитен слој на арматурата во плочата, изостанок на периодични прегледи на состојбата на мостовите, како и буџет за одржување на мостовите, од причина што слични сценарија се видени и на мостовите од постоечките магистрални патишта.
На средината на мостот над Маркова Река пред скопската населба Драчево постои голема дупка што претставува опасност за безбедноста на возилата што се движат по него, а за која минатата недела стигнале пријави од граѓани до Центарот за управување со кризи (ЦУК).
