Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со близу 900 набљудувачи на 696 гласачки места избрани по случаен и репрезентативен примерок. Исто толку набљудувачи ќе бидат распоредени за покривање на 20 проценти од вкупниот број на избирачки места на територијата на целата држава.

Претседателот на ГА МОСТ, Дарко Алексов, на денешната прес-конференција соопшти дека набљудувачите ќе бидат статични и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден.
Ќе има и 55 мобилни тимови со по двајца набљудувачи, кои ќе бидат логистичка поддршка на статичните набљудувачи, а ќе покриваат и избирачки места кои не се покриени со статично набљудување. Набљудувачи ќе имаат и во 80 ОИК и еден набљудувач во ДИК.
Со мал број набљудувачи ќе го следат и гласањето на лицата кои се во самоизолација и на болните според своите можности и проценки и доколку имаат солиден број на покриени избирачки места и избирачи кои се покриени ќе дадат оценка на крај. Нивните набљудувачи при мониторингот во понеделник и вторник нема да влегуваат во домовите на гласачите, заради сопствена и нивна безбедност.
Во текот на изборниот ден на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните можат да пријавуваат нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Прелиминарна оценка за кампањата и за целокупниот изборен процес ќе имаат во четврток на прес-конференција, ден по изборите.
Препознатлив знак на МОСТ ќе бидат жолтите маички со кратки ракави на кои на предната страна стои логото на МОСТ и е испишано мониторинг 2020, а набљудувачите ќе имаат овластувања од МОСТ и акредитации од ДИК.