Украина ги негираше овие обвинувања, како и каква било вклученост во нападот

Русија ги обвини украинските контраразузнавачки службеници дека организирале атентат на Дарија Дугина, ќерка на еден од најголемите поддржувачи на претседателот Владимир Путин, ултранационалистичкиот руски идеолог Александар Дугин.
ФСБ, руската служба за внатрешна безбедност, соопшти дека зад нападот кој се случи во саботата стои украински државјанин кој пристигнал во земјата во јули, пренесе Би-би-си.
Полициските службеници обвинија дека осомничениот побегнал од Русија во Естонија откако Дугина загина во експлозија на автомобил-бомба на пат надвор од Москва.
Сепак, Би-би-си засега не успеале независно да ги потврдат овие информации.
Украина, пак, негира вмешаност во нападот, а Илја Пономарјов, поранешен руски пратеник, рече дека зад атентатот стои руска внатрешна група која е против политиките што ги спроведува Путин, додава Би-би-си.
Светските медиуми пренесуваат дека на агенцијата ТАСС од Центарот за односи со јавноста на ФСБ, им било кажано дека убиството на новинарката Дарија Дугин е решено, дека е направено од страна на украинските тајни служби, а дека убиецот по злосторството побегнал во Естонија.