Четворица вработени во Министерството за внатрешни работи, на денешното рочиште за убиството кај Смилковското Езеро, сведочеа за процедурите на 12 април 2012 година кога им било јавено за настанот.
Сведоците за дел од настаните се сеќаваа до детали, но за тоа кој пријавил за најдената „опел омега“ не можеа да одговорат правдајќи се дека поминале 8 години од настанот.
Еден од нив, кој сѐ уште е вработен во Центарот за известување при МВР и кој бил на работа на 13 април 2012 година, рече дека не се сеќава дали преку „совесен граѓанин“ или преку „полициска патрола“ било пријавено дека е најдено возило паркирано покрај патот, но се сеќава дека по пријавата постапил според процедурата. Сведокот им посочи на судиите да побараат службено од МВР да им достават листа за тој ден, со што би дошле до одговорот како стигнала пријавата до Центарот.
Според адвокатката Дафинка Ивановска, која ги застапува родителите на убиените деца, изјавите на сведоците се поклопуваат со она што е запишано во записниците и службените белешки кои претставуваа доказен материјал во предметот.
Поради тоа, таа констатира дека сведоците не кажал ништо што се истакнува, туку потврдува дека инспекторите и началниците работеле по нивните протоколи и правилници, во содејство со јавниот обвинител и со истражен судија кој ги дава наредбите за обезбедување на доказите од Смилковското Езеро кое било обезбедено веднаш после дојавата на настанот после 22:30 часот.
Со изнесување на докази од обвинителството, судењето за предметот „Монструм“ треба да продолжи на 21 септември.
На едно од претходните рочишта, поранешен припадник на МВР, кој на 13 април 2012 бил на местото Враживир и имал за задача да го фотодокументира автомобилот, сведочеше дека возилото за кое се тврди дека го користеле извршителите на убиството било пронајдено исчистено.
За убиството на момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски во април 2012 година обвинети се: Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се во бегство и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.
Судењето за овој предмет го водат Огнен Ставрев и Осман Шабани, додека обвинението го застапуваат обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.
Досега во овој предмет сведочеа: ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, советникот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски, поранешниот вицепремиер Муса Џафери и ексминистерот за правда Блерим Беџети, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вицепремиерот Бујар Османи и обвинителот Џелал Бајрами, кој во време на убиството беше заменик-министер во МВР, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, Гордана Јанкулоска и Љупчо Тодоровски-Радникот.
