Транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од мониторираните постапки на централно ниво (27,5 %), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери, се вели во најновиот извештај за мониторинг на јавните набавки подготвен од Центарот за граѓански комуникации.
Честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.
Задоцнетото плаќање повторно избива како голем проблем за фирмите, кои просечно чекаат седум месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки.
„Дури 48% од фирмите сметаат дека ‘секогаш’ или ‘често’ има корупција во јавните набавки. Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,82 (на скалата од 1 до 5), што е незначително намалување во однос на лани, кога оценката беше 2,87“,
се вели во извештајот.

Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 97% од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94% од тендерите. Ваквото постапување на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата. За дури три четвртини од фирмите ‘најниската цена’ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки.
„Ова е целосно несфатливо ако се има предвид дека во минатото, кога на сила беше стариот Закон за јавни набавки (до април 2019) со којшто најниска цена и е-аукција беа задолжителни, токму со оваа нивна задолжителна примена се оправдуваа речиси сите проблеми што се случиуваа во јавните набавки. Имено, за да може да се избере најисплатлива понуда, што е во суштинта на модерните јавни набавки и на новиот Закон за јавните набавки, неопходно е, покрај цената, да се земат предвид и други критериуми за избор. Разбирливо е цената да биде критериум кога се купуваат производи со познат, стандарден или однапред добро дефиниран квалитет“,
се вели во извештајот.
Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени биле 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21%.