Коментирајќи го новиот концепт за основното образование, премиерот Зоран Заев денеска порача дека не е намерата да се укинат некои предмети, туку да се намалат содржини што се вишок
Тој нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако, како што рече, таа е важна и треба да започне час поскоро
Министерството за образование и наука испрати појаснувања за некои од дилемите и критиките во јавноста што ги донесе најавениот нов концепт за основното образование, кој предвидува спојување на повеќе наставни предмети во еден.
Од МОН уште еднаш посочуваат дека воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи укинување на предметот Историја ниту, пак, бришење или менување на содржини од овој предмет.

„Воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува наставниот предмет Историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање содржини од Историја, Граѓанско образование и Географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи. Исто така, концепцијата за основно образование ја дава ‘рамката’ според која се планира основното образование и документот не ги брише содржини од наставните предмети ниту, пак, предвидува менување на содржините од предметот Историја“,
истакнува МОН.

Во однос на критиките дека се спојуваат несродни предмети како Историја и Географија, од МОН велат дека интегрираното изучување на географијата и историјата е карактеристично за голем дел од земјите со развиени образовни системи и дека секој историски настан е неразделно поврзан со географскиот амбиент во кој се одвивал.
Од МОН велат дека наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.
Интегрираните наставни програми, велат, позитивно влијаат на постигнувањата на учениците и им овозможуваат да го користат наученото и надвор од определен предмет, да го користат своето знаење креативно и да развијат критичка мисла и ефективни стратегии за учење.

Од МОН посочуваат дека концепцијата за основно образование не го одредува бројот на наставници, а анализите, велат, укажуваат дека сите наставници остануваат на работа бидејќи севкупниот број на часови во наставниот план не е намален.
За секоја наставна дисциплина ќе изведува настава соодветниот наставник, што значи повеќе наставници ќе работат со учениците на часовите по природни науки и општествени науки, објаснуваат од МОН.

„Со новата концепција иако бројот на часови за Уметничко образование е намален во споредба со фонд на часови за Музичко и Ликовно образование, сепак, преку слободните изборни предмети учениците кои покажуваат афинитет и талент за уметностите имаат можност да се определат и изберат модул од уметностите во текот на сите одделенија на основното образование. Дополнително, Концепцијата предвидува задолжителност и на воннаставните активности, кои исто така нудат програми и активности за развој на уметничкиот талент и наобразба кај учениците“,
соопштува МОН.

Од МОН тврдат дека основата на концепцијата е истражување спроведено во ноември 2020 година на 4 168 наставници, кои, како што велат, ги идентификуваа потребите од образовна реформа и аспектите на кои таа треба да се заснова.
Велат дека наставниците ќе поминат обуки за новиот начин за настава и дека никој нема да остане без работа.

Коментирајќи го новиот концепт за основното образование, премиерот Зоран Заев денеска порача дека не е намерата да се укинат некои предмети, туку да се намалат содржини што се вишок.
Заев нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако, како што рече, таа е важна и треба да се започне час поскоро. Премиерот посочи дека внимателно ќе се слушнат сугестиите од сите засегнати страни.