Комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот за образование и наука, а потоа конкретни насоки за постапување ќе бидат испратени до економскиот оператор задолжен за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот, се наведува во соопштението од Министерството за образование и наука
Министерството за образование и наука (МОН) и Педагошката служба денеска соопштија дека ќе се формира комисија која ќе ја преиспита целата содржина на учебникот по Историја и општество за петто одделение и ќе даде предлог за соодветни корекции или изработка на нов учебник.

Оттаму информираат дека ваквата одлука е донесена како резултат на увидените грешки во учебникот, „целосно оправданите реакции на јавноста“, како и согласно дописот од Здружението на историчари.
„Комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот за образование и наука, а потоа конкретни насоки за постапување ќе бидат испратени до економскиот оператор задолжен за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот“,
се наведува во соопштението.
Од МОН до надлеженитe стручни тела и органи кои се дел од процесите на одобрување на учебници апелираат да продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците кои се користат во основното и средното образование.
„Секако, во целиот процес и понатаму ќе биде вклучена јавноста, односно граѓаните кои имаат можност да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса [email protected].“,
се додава во соопштението.
Национална комисија за учебници вчера преку писмено соопштение се огради од грешките кои беа детектирани во учебникот за петто одделние, посочувајќи дека законска обврска на комисијата е да ги разгледува стручните мислења доставени од рецензентски комисии и Бирото за развој на образование или Центарот за средно стручно образование, а не стручно вреднување на учебниците.
Седумнаесетчлениот состав на Комисијата, како што наведуваат оттаму, има задача да ги разгледуваат стручните мислења од надлежните тела и по нив да донесат одлука за добиена највисока оценка за доставен ракопис за учебник во конкретна област, што е воедно, додаваат од Националната комисија и одлука за избор на текст на учебник кој ќе се печати и ќе се употребува во основното или во средното и стручно образование.
Поради бројните грешки, учебникот по Историја и општество за петто одделение, чии автори се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, предизвика бран реакции од страна на родителите на социјалните мрежи.
Во учебникот, чиј издавач е Министерството за образование и наука во Тема 2 – „Населението и за континентите“, е наведен податок дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри.
Очигледно беше дека до грешката дошло поради лош превод.
Монт Еверест е висок 29 305, ама не метри, туку стапки. Ако стапките се претворат во метри, се добива точно 8 849 метри.
Исто така, во Тема 2 – „Населението и континентите“, во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.
По многуте реакции во јавноста грешките во учебникот, авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска преку социјалните мрежи дадоа објаснување дека тие биле технички, а оти не можеле да го прегледаат учебникот пред печатењето.
Ресорниот министер Јетон Шаќири, во врска со грешките изјави дека до почетокот на второто полугодие сигурно ќе се најде решение за спорниот учебник.
„Треба да се утврди дали освен овие забелешки кои досега беа пријавени има и други забелешки и да се утврди дали се тие технички или содржински. Ако се утврди дека во учебниците има помалку од 30 отсто грешки, тогаш ќе се коригираат и ќе се вратат во употреба. Ако има над 30 проценти грешки ќе заземеме став дека учебникот ќе биде повлечен“,
изјави пред десетина дена министерот Шаќири во гостување на Телевизија 24.