Јаневска информира дека дел од средствата за проектите се во рамки на годинашниот буџет за наука кој е двојно поголем од ланскиот и изнесува 680 милиони денари, а еден дел од парите ќе се исплатат во текот на следната календарска година, кога и треба целосно да завршат проектите што ќе се прифатат
Министерството за образование и наука (МОН) ќе распредели 344 милиони денари на државните универзитети и факултети, јавни научни установи и на Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ) со цел реализација на иновативни научно-истражувачки проекти и унапредување на научно-истражувачката инфраструктура.

За таа цел, објавени се два јавни конкурса на кои ќе се аплицира преку e-uslugi.mon.gov.mk, во рок од 45 дена.
Првиот конкурс, како што информира министерката за образование и наука Весна Јаневска, е за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети, факултети, научни институти и МАНУ.
„Од нив, 15 ќе бидат од подрачјето на природно-математички науки, инженерство и технологија, медицински и здравствени науки, земјоделски и ветеринарни науки. Понатаму, 15 проекти од подрачјето на општествени и хуманистички науки и 10 проекти во области од стратегијата за паметна специјализација во насока на дигитална и зелена транзиција, односно паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност, информациски и комуникациски технологии, електромашинска индустрија, и одржливи материјали и паметни згради“,
информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Секој апликант може да конкурира со повеќе проекти, а четири е максималниот број на проекти што може да бидат прифатени од еден апликант. Проектите не смеат да бидат идентични со некои веќе претходно реализирани или некои што тековно се спроведуваат. Секој прифатен проект ќе добие буџет најмногу до 8 милиони денари преку најдоцна до 31 октомври 2026 година, до кога треба да заврши имплементацијата на проектот.
„Вториот конкурс е наменет за распределба на средства на осумте самостојни јавни научни установи, кои вршат дејност од висок стратегиски и национален интерес за државата. И тука ќе се финансираат научно-истражувачки проекти со времетраење до најмногу две години, за што ќе се доделува поединечен буџет до најмногу 3 милиони денари, односно по 1,5 милион денари во 2025 и во 2026 година“,
додаде Јаневска.
Резултатите од конкурсите ќе бидат објавени на веб-страницата на МОН, по претходно направено рангирање од страна на посебни комисии формирани за спроведување на конкурсите.
„Да напоменам дека предност добиваат проектите во кои главниот истражувач има објавено најмалку 2 трудови во списанија со импакт фактори во последните три години, како и главен истражувач кој има објавено најмалку 2 трудови во списанија евидентирани во меѓународни бази или списанија со меѓународен уредувачки одбор“,
рече министерката.
Јаневска информира дека дел од средствата за проектите се во рамки на годинашниот буџет за наука кој е двојно поголем од ланскиот и изнесува 680 милиони денари, а еден дел од парите ќе се исплатат во текот на следната календарска година, кога и треба целосно да завршат проектите што ќе се прифатат.