Откако Сојузот на средношколци реагираше, од Министерството за образование и наука (МОН) потврдија дека имало изолирани случаи во неколку училишта каде се вршела наплата за надоместок за свидетелства и велат дека Државниот просветен инспекторат ќе постапи.
Оттаму, порачуваат дека училиштата не смеат да наплаќаат такси на родителите и учениците за издавање на свидетелствата и за тоа пред крајот на учебната година им укажале и со писмен допис.
Од МОН ги потсетуваат дека наплатата е спротивна на Уставот и законите.
„Согласно Уставот на Република Северна Македонија како и член 3 од Законот за основно образование, и член 3 од Законот за средно образование („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 161/19 и 229/20), секое дете има право на бесплатно и квалитетно образование“, нагласуваат од МОН.
Педагошката документација односно свидетелствата, велат од МОН, училиштата добиваат преку Бирото за развој на образование, а секое училиште добива и дополнителни пет проценти во случај на грешки или слично.
