Сè уште не е доставен предлогот до Владата. Тоа е дискусија што ја почнавме заедно со синдикатите. Предлозите доаѓаат со добра анализа, но сè уште не е одлучено, вели министерот

Новата учебна 2023-2024 година може да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Но, постои можност да остане почетокот на вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Ова, според министерот за образование и наука, се предлозите што се разгледуваат и анализираат, но ниту еден од нив сè уште не е доставен до Владата.
„Сè уште не е доставен предлогот до Владата. Тоа е дискусија што ја почнавме заедно со синдикатите. Предлозите доаѓаат со добра анализа, но сè уште не е одлучено“,
вели Шаќири појаснувајќи дека иако кај нас новата учебна година започнува на 1 септември во други земји таа стартува подоцна.
Шаќири очекува во текот на наредните две недели заедно со синдикатите да ги завршат анализите што се потребни и предлозите да ги достават до Владата.
Според Шаќири, има доволно време еден од овие предлози да почне да се реализира уште од овој септември затоа што, како што рече, во овој период од годината се донесува календарот за работа во текот на учебната година и тој се одобрува од Владата.
„Доколку одлучиме учебната година да почне на 1 септември, тоа ќе биде петок. Доколку се одлучиме за втората варијанта, тоа ќе биде во средината на септември. Третата варијанта е почеток од 1 септември, но, исто така учениците да имаат пролетен распуст“,
појасни Шаќири.
Прашан дали новата учебна година ќе започне без проблеми, министерот одговори дека смета оти таа ќе биде една од поуспешните во делот на доставување на учебници уште од самиот старт.
Во однос на полагањето на вториот испит од државната матура, кога тестовите по англиски јазик се споделуваа во вибер-групи за време на полагањето, Шаќири вели дека има побарано од Државниот испитен центар и Советот да ги има предвид сите закони и секое прекршување.
„Мојот став е дека да, последици треба да има за тие што се вклучени во процесот на државната матура, почнувајќи од раководствата на училиштата, од комисиите, од одговорните лица за реализација, ако од ДИЦ заедно со Советот имаат утврдено кои училишта и која група на ученици тоа го има направено и до објавување на резултатите да имаме конкретни одговори од организаторите на државната матура“,
рече Шаќири.
Шаќири смета дека сите во општеството во наредниот период треба да дадат придонес за вакви случувања да има што помалку во образовниот процес.