Системот за противвоздушна одбрана на мали височини, како што посочуваат од Министерството за одбрана (МО) треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а истиот е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата
Во договор со Министерството за одбрана на Франција, македонското Министерство за одбрана ќе набави современ систем за противвоздушна одбрана, велат од МО.
На денешната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, министерката за одбрана Славјанка Петровска ги запознала членовите на Комисијата со информацијата и потребата на Армијата за набавката на современ систем за противвоздушна одбрана.

„Станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата“,
се наведува во соопштението од МО.
Системот за противвоздушна одбрана на мали височини треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а истиот е предвиден согласно Планот за опремување и модернизација на Армијата.
„Како НАТО членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата“,
додаваат оттаму.
Согласно Законот за јавните набавки во одбраната и безбедноста, МО информира дека ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, за кој, како што велат, јавноста ќе биде подетално информирана и за типот воена опрема и за динамиката на испорака.
Од Министерството посочуваат дека во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите, и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија