Македонскиот народен театар денеска одбележува 75 години постоење, односно на денешниот датум, 3 април 1945 година, е изведена првата премиера, претставата „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров. Македонскиот народен театар е затворен согласно мерките и препораките за спречување на ширењето на коронавирусот и ова е првпат сцената да биде празна во период кога се одбележува роденденот на театарот.
„Иако денес сцената е празна, сите ние го чувствуваме мирисот на сцената и театарската светлина во нас. Сите овие изминати години беа исполнети со дружење, смеа, креативност, силина, моќ, радост. Иако првпат се соочуваме со празна сцена и празни седишта, повторно светлата ќе се запалат, сценографијата ќе иде на сцената и вие, актерите, ќе ги облечете костимите и изговорите текст, затоа што театарот бил, тука е и ќе остане засекогаш! Иако сега ова е тивок период на сцената, неговото бескрајното патување низ времето продолжува со креирање и планирање нови претстави, проекти, изложби“,
соопшти МНТ.
На денешниот ден се споменуваат сите оние кои биле и се дел од МНТ на кој било начин.
„Вие, актерите, од различни генерации одигравте/играте на сцената со бескрајна посветеност, страст, жар, пожртвуваност и секогаш дававте/давате се од себе. Огромен е бројот на режисерите, драматурзите, сценографите, костимографите, композиторите, сектор светло, сектор тон, сектор видео, инженерите, гардероберите, реквизитерите, шминкерите, фризерите, изработувачите на сценографија, декоратерите и администрацијата кои со неуморна сила секогаш сте присутни зад сцената овозможувајќи непречено да се одвива магијата и вашата посветеност е непроценлива“,
велат од МНТ.