Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од европското семејство, при што се истакнува дека почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа
Министерството за надворешни работи го поздравува усвојувањето на Резолуцијата на Европскиот парламент за Република Северна Македонија на денешната пленарна седница во Стразбур.
„Како и досега, Европскиот парламент упати јасна политичка порака за важноста од забрзување на европскиот интегративен процес и започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија со Северна Македонија веднаш. Охрабрува фактот што текстот на Резолуцијата доби поддршка од огромен број членови на Европскиот парламент, што ја отсликува поддршката од поширокиот политички спектрум во рамките на ЕУ“,
се вели во соопштението.
Според МНР, особено е важно што Европскиот парламент ја реафирмира стратешката важност на Северна Македонија и целиот регион на Западен Балкан и нивната иднина како дел од европското семејство, при што се истакнува дека почетокот на пристапните преговори и членството во ЕУ е силна инвестиција за стабилност, не само за земјите од регионот туку и за ЕУ, особеново во актуелниот безбедносен контекст во Европа.
„Во таа смисла, го поздравуваме повикот на Европскиот парламент за надминување на билатералните прашања надвор од пристапниот процес, што е во духот и принципите на пристапниот процес. Парламентот, исто така, го препознава реформскиот напредок на земјата и нејзината подготвеност веднаш да ги започне преговорите со ЕУ“,
велат од МНР.
Европарламентарците попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2021 година на известувачот Илхан Ќучук, во кој се поздравува реформскиот напредок на земјата и инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Но, Европратениците ги одобрија и амандманите 75б, 79 и 80, за кои Институтот за европска политика (ЕПИ) и неколку други регионални невладини организации предупредија дека претставуваат поткопување на основните стандарди и вредности на ЕУ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера како одговор на новинарско прашање рече резолуцијата на Европскиот парламент за Извештајот за напредокот на земјава за 2021 година не е директно поврзана со ветото, туку тоа е став на европратениците, додека одлуката за вето ја носи Советот на ЕУ.