Шпекулирањето и објавувањето имиња на предлози, пред за тоа да се добие агреман од земјата домаќин, ја загрозува улогата на самите амбасадори уште пред да бидат упатени, а во многу непријатна положба ги става и институциите на земјата домаќин, реагира МНР откако ВМРО-ДПМНЕ објави неколку имиња кои се предложени за амбасадори, а за кои велат дека се катастрофален избор
Свесното хируршко уништување на Македонската дипломатија од страна на хирургот Бујар Османи се докажа и по синоќешната владина одлука за назначување нови амбасадори, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за надворешни работи (МНР), пак, велат постапките за именување се тајни додека не се добие агреман од државата каде што се праќа амбасадор, а опозициската партија со шпекулациите прави дипломатски скандал.
Во соопштението што денеска го објави ВМРО-ДПМНЕ беа наведени неколку имиња за нови амбасадори кои, тврди партијата, синоќа добиле амин на владина седница. Меѓу нив партијата го спомена поранешниот министер за правда Никола Тупанчески, ексградоначалникот на Центар и заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски…
„Изборот не може да биде полош, а поголем срам за тоа кој ќе ја претставува Македонија надвор од нејзините граници уште покатастрофален. Предлог амбасадор за ДКП Лондон е Катерина Ставревска, некогашен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска. Вработените во МО сведочат за вршење на мобинг, а јавноста можеше со свои очи да види како Ставревска со својата шефица Шекеринска прават злоупотреба на државен хеликоптер за прошетка и дегустација на вина. И сето тоа врз грбот на граѓаните на Македонија! Дали министерот кој ја донесе Македонија на работ на преживување како правната држава, Тупанчески заминува за Белград затоа што не знае странски јазик?“,
реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
За Жерновски, пак, од партијата велат дека иако до пред еден месец бил предлог за Белград, сега планот е променет тој да замине во Букурешт.
Од опозициската партија изнесоа уште две имиња – Јакуп Реџепи за Сараево и директорот на Државниот архив Емир Крстески за Прага.
„Дали можеби тоа што Јакуп Реџепи, сега веќе предложен амбасадор на Македонија во Сараево, вујко на министерот за финансии, Фатмир Бесими е единствената причина за неговото назначување? Дали Емил Крстевски или познат во јавноста како директор што од службен фејсбук-профил се заканува и вреѓа македонски граѓани, (Државен Архив) е соодветно решение за амбасадор во Прага, дополнително само затоа што неговата сопруга Сања Зоографска-Крстевска е сè уште актуелен генерален конзул на Македонија во Мелбурн?“,
пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од МНР, пак, во соопштение што го испратија до медиумите првично објаснуваат дека упатувањето амбасадори е регулирано со Законот за надворешни работи и предвидена е сложена постапка врз основа на усогласеност меѓу Министерството и претседателот на државата, како и одобрување од Владата, но и добивање агреман од државата домаќин. Додека нема агреман постапка е тајна, а тоа што ВМРО-ДПМНЕ шпекулира, според МНР, е кршење на Законот и дипломатски скандал. Постапка, нагласуваат, станува јавна кога постапката доаѓа во Собрание каде има излагање на предлог-амбасадорите пред Комисијата за надворешна политика.
„Сè до завршувањето на оваа постапка (добивањето агреман), овие податоци се доверливи и за тоа постои добра причина. Јавното шпекулирање на ВМРО-ДПМНЕ со информации од затворена седница, не само што претставува грубо кршење на законот, туку претставува дипломатски скандал со кој се минираат државните позиции, нанесувајќи притоа ненадоместлива штета на меѓународниот углед на земјата. Шпекулирањето и објавување имиња на предлози, пред за тоа да се добие агреман од земјата – домаќин, ја загрозува улогата на самите амбасадори уште пред да бидат упатени, а во многу непријатна положба ги става и институциите на земјата – домаќин, чии процес на одобрување е сега контаминиран со шпекулациите од страна на ВМРО-ДПМНЕ“,
велат од МНР.
Од Министерството во јавната реакција бараат ВМРО-ДПМНЕ да се однесува одговорно и согласно дипломатските кодекси и узанси и да ги почитува принципите на Виенската конвенција за дипломатски и конзуларни односи.