Од Министерството апелираат до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните што се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум
Македонската амбасада во Тел Авив е во контакт со израелските надлежни институции, од каде што се чека потврда дека меѓу жртвите и повредените во синоќешниот ирански напад врз Израел нема македонски државјани, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во соопштението од Министерството се вели дека го осудуваат синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили.
Од Министерството апелираат до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните што се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум.
Оттаму потсетуваат на СОС дежурните телефони на Министерството +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, која е целосно екипирана и ставена на располагање.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе продолжи да ги следи состојбите во Либан, Израел, Иран и регионот и навремено да ги информира нашите државјани за евентуални насоки за постапување“,
се додава во соопштението.
Пред два дена од Министерството информираа дека ниту еден македонски државјанин до овој момент нема побарано помош или евакуација од Либан.