Дипломатка од македонската мисија во ОН синоќа била пронајдена мртва во нејзиниот стан во Менхетн во Њујорк, потврдија за МИА од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.
„Од Постојаната Мисија на Република Северна Македонија при ОН во Њујорк пристигна жална вест која нѐ потресе сите, за трагично загубен животот на член на нашата мисија, дипломат од кариера во Министерството за надворешни работи. Во оваа прилика сакаме да изразиме длабоко сочувство до семејство и најблиските, и во име на сите колеги од Министерството за надворешни работи кои изгубија близок пријател и долгогодишен вреден и посветен претставник на дипломатијата“,
соопштија од МНР
Од Министерството информираат дека се во постојана комуникација со надлежните институции во САД за сите детали околу трагичниот настан.

Неофицијално, станува збор за 38 годишната М.В. од Скопје. Таа била пронајдена почината во нејзиниот стан во Менхетн на Нова година. Безживотното тело, кога надлежните упаднале во станот, било во спалната, со лицето надолу, а околу вратот имала каиш. На местото, полицијата нашла антидепресиви и две шишенца со мелатонин, едното празно а другото речиси празно, пишува американски „Фокс Њуз“. Според полицијата, нема траги на насилство.
Херман Авила, хаусмајстор во зградата, изјавил за „Њујорк пост“ дека „Сите во зградата се чуствуваат лошо. Таа беше многу добра личност. Многу добра личност“.
Дипломатката живеела сама во стан на четвртиот спрат од зградата, изјавил Авила. Ја опишал како тивка личност која повремено излегувала надвор на цигара.
„Вчера, дојде амбуланта, докторите се качија горе… Дојде и некој човек, дипломат. Не знам, амбасадор или нешто. Тој ја побара, вратарот ѕвонеше но никој не крена. Никој не крена“,
изјавил хаусмајсторот во зградата за „Њујорк пост“.