Претходно денеска од МНР ја потврдија информацијата дека во серијата ракетни напади што утрово се случија врз главниот град на Украина настрадала и зградата во која е сместена Амбасадата на С Македонија во Киев
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија попладнево му врачи протестна нота на рускиот амбасадор во земјава Сегеј Баздникин поради нанесената материјална штета на македонската амбасада во Киев за време на денешниот руски ракетен напад.
Информацијата преку писмено соопштение ја објавија од МНР, каде што попладнево бил повикан Баздникин.
„Попладнево беше повикан вонредниот и ополномоштен амбасадор на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин, кому му беше врачена протестна нота со која се изразува силна осуда и протест за нанесената материјална штета од ракетниот напад на руските армиски сили врз Киев, при кој беше погодена и Амбасадата на Република Северна Македонија“,
наведуваат од МНР во писменото соопштение.
Претходно денеска оттаму ја потврдија информацијата дека во серијата ракетни напади што утрово се случија врз главниот град на Украина настрадала и зградата во која е сместена Амбасадата на С Македонија во Киев.
Во нападот нема повредени меѓу дипломатскиот персонал, но е причинета материјална штета на Амбасадата.
Рано утрово светските медиуми известија дека серија ракетни напади се извршени врз Киев. Во нападите е погодена и зграда во која се сместени шест амбасади, меѓу кои и македонската.