Во врска со речиси милионскиот договор што МНР го склучи за наемот на возила, денеска на новинарско прашање одговараше премиерот Димитар Ковачевски. Прашан дали смета дека оваа сума е претерана за ваква намена во време на криза, Ковачевски не одговори конкретно. Кажа дека самитот на ОБСЕ е најголемиот настан што се организира во државата од нејзиното постоење на кој ќе присуствуваат 70 делегации од држави
Министерството за надворешни работи од својот буџет ќе издвои речиси еден милион евра за наем на возила за претстојниот самит на ОБСЕ што ќе се одржи во декември годинава. Изнајмените автомобили ќе бидат наменети за министерските делегации од земјите членки на Организацијата кои ќе учествуваат на самитот во Скопје.

За наемот на околу 175 возила МНР склучи договор со компанијата за промет, трговија и услуги „АБЦ рент а кар турс“ од Скопје. Договорот е склучен во два дела. Првиот – за изнајмување возила за потребите на самитот на ОБСЕ, е за четири месеци и е во вредност од 919 305 евра. Вториот дел од договорот е во износ од 38 304 евра и е за изнајмување возила за редовните потреби на МНР во период од една година.
Вкупната вредност на договорот изнесува 59 милиони денари, односно 957 610 евра.

Во врска со речиси милионскиот договор што МНР го склучи за наемот на возила, денеска на новинарско прашање одговараше премиерот Димитар Ковачевски. Прашан дали смета дека оваа сума е претерана за ваква намена во време на криза, Ковачевски не одговори конкретно. Кажа дека самитот на ОБСЕ е најголемиот настан што се организира во државата од нејзиното постоење на кој ќе присуствуваат 70 делегации од држави.

„Ќе бидат искористени сите возила коишто ги исполнуваат стандардите на ОБСЕ во однос на организирање на ваква меѓународна конференција, а коишто ги користат во моментов државните институции. Со оглед на тоа дека има недостиг на такви возила за потребниот период, Министерството за надворешни работи имаше отворено постапка којашто е спроведена согласно законите и во рамките на тој лимит ќе биде искористено за изнајмување, а не за набавка на возила за делегациите коишто ќе доаѓаат“,
рече Ковачевски.
Покрај автомобили, за потребите на самитот, компанијата добитник на тендерот на МНР треба да изнајми и 25 минибуси, десет автобуси и 35 мини комбиња кои ќе се користат од 7 до 8 дена.
За реконструкција на салата „Борис Трајковски“, каде што ќе се одржува министерскиот состанок, Министерството за надворешни работи претходно склучи договор со компанијата „Еуровиа“ од тетовско Желино. Дел од медиумите тогаш објавија дека компанијата е донатор на ДУИ од чии редови доаѓа Османи. Тој, пак, рече дека е избрана најевтината понуда, а дека не знаел оти фирмата е донатор на ДУИ.