Во текстот на декларацијата, чиј автор е советникот Кирил Илиев, се вели дека наводно македонската нација била вештачки создадена во 1934 година
Министерството за надворешни работи ги осудува непримерните квалификации во содржината на декларацијата на Советот на Општина Благоевград кои се однесуваат на македонскиот народ, а со која се забрани отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ во оваа бугарска општина.
„Очигледно е дека ваквите декларации се во спротивност на интенцијата на двете влади за градење доверба меѓу народите на двете земји, и со духот на Договорот за пријателство и добрососедство, чија основна цел е токму тоа, да промовира пријателство и меѓусебно почитување. Уште еднаш потенцираме дека интерес на двете држави и на сите граѓани е унапредување на добрососедството и во оваа насока ги охрабруваме и локалните власти, но и сите други здруженија и групации за посебен фокус кон активности кои создаваат пријателство, меѓугранична соработка, економска, културна и туристичка размена, соодветно на духот на европската соработка“,
се вели во соопштението на МНР.
Во текстот на декларацијата, чиј автор е советникот Кирил Илиев, се вели дека наводно македонската нација била вештачки создадена во 1934 година.
Наспроти сето законодавство на ЕУ, кое овозможува лични и национални права, со усвојувањето на декларацијата, советниците од Благоевград сметаат дека отворањето на македонскиот културен центар „Никола Вапцаров“ претставува провокација, нелегитимна за бугарското право.
Советот на Општина Благоевград смета дека со отворањето на клубот грубо се прекршува Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија и се погазуваат сите досега постигнати напори за подобрување на односите на Бугарија со Северна Македонија и се попречува нејзиниот пат кон членство во ЕУ.