Фирмата „Еуровиа“ од тетовско Желино неодамна го доби тендерот на МНР од 1,8 милиони евра за реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ. Фирмата, чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, е избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот, а како што објавија дел од медиумите, фирмата е донатор на ДУИ
Министерството за надворешни работи соопшти дека до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција- Скопје (ОЈО-ГОКК) ја достави документацијата од целосната постапка за јавната набавка на работи за внатрешна адаптација и надворешно уредување на салата „Борис Трајковски“, за потребите на конференцијата на ОБСЕ.
Од МНР апелираат до надлежните институции „да дадат посебно значење и приоритет на овој предмет, имајќи ги предвид импликациите кои се предизвикани со многубројните шпекулации кои се појавија во јавноста“.
„Нема нерегуларности во постапката неопходна за успешно одржување на најголемиот меѓународен политички настан во Скопје, во рамки на Претседавањето на земјата со ОБСЕ. Заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот, условот за избор на најповолен понудувач беше најниска цена по прецизно дефинирани работи и ниво на квалитет на изведба. Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно: ‘Еуровиа’ – 93 746 070 ден. (избран понудувач), второрангираната – 120 668 981 ден., треторангираната – 134 015 461 ден. и четврторангираната – 374 353 297 ден.“,
се наведува во соопштението од МНР.
Фирмата „Еуровиа“ од тетовско Желино неодамна го доби тендерот на МНР од 1,8 милиони евра за реконструкција на салата „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември годинава.
Фирмата, чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, е избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот, а како што објавија дел од медиумите, фирмата е донатор на ДУИ.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, како што изјави, не знаел дека компанијата „Еуровиа“, била донатор на ДУИ. Таквата информација, рече Османи, ја дознал од самите медиуми.
По реакциите во медиумите и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одлучи да отвори предмет во врска со компанијата поради ризици од политичка поврзаност.