Државниот секретар во Министерството за надворешни работи Зоран Попов денеска ги прими и упати извинување до претставниците на невладина организација од Република Кореjа кои вчера беа изложени на вербален акт на нетрпеливост и ксенофобија во центарот на Скопје.
„Остро го осудуваме овој изолиран чин на говор на омраза, расизам, ксенофобија и нетолеранција, што се коси со темелните вредности на македонското општество и очекуваме надлежните органи да го откријат и соодветно санкционираат сторителот“,
се вели во соопштението од МНР.
Од Министерството истакнуваат дека борбата против говорот на омраза, расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и други видови нетолеранција треба да биде една од најважните вредности на нашето општество, особено имајќи ја предвид неговата мултикултурална димензија и таа борба треба да биде императив на сите институции, но и на граѓаните на нашата земја.

Корејците кои вчера беа вербално нападнати во центарот на Скопје, за што се појави видео на социјалните мрежи, се членови на невладина организација „Heavenly Culture World Peace Restoration of Light“ (HWPL), која одржува работилници во повеќе градови во земјава на тема „Мир, толеранција и меѓусебно разбирање“ со ученици од 7, 8, 12 и 13 години.
Неофицијално тие вчера биле на средба во Министерството за надворешни работи.
Во име на владата денеска извинување за вербалниот напад упати и техничкиот премиер Оливер Спасовски.