Министерството за надворешни работи попладнево демантираше дека министерот Никола Димитров со поранешниот нерезидентен амбасадор на Латвија, Албер Салкарис, разговарал за аферата „Рекет“, како што во денешното сведочење кажа сведокот Зоран Митровски, кој воедно е почесен конзул на оваа земја.
„Министерот Димитров имал многу кус, сосем неформален разговор за време на дипломатски коктел, кога тој во земјата доаѓа пред сè во друго дипломатско својство и второ, на тема која нема допирна точка со аферата ‘Рекет’, на што впрочем укажува и датумот кога се сретнале – 18 октомври 2018 година, како и неформалниот карактер на разговорот: на стоење, без закажување, со 40-ина луѓе наоколу“, велат во реакцијата од МНР, од каде што појаснуваат дека за време на тој неформален разговор амбасадорот го спомнал Митровски, но само за да се пожали дека тој во медиумите бил спомнуван како осомничен во отворена истрага, а темата „Рекет“ никогаш не била спомната.
Од МНР велат дека Димитров, сметајќи дека евентуални коментари во таа насока би биле злоупотреба на дипломатскиот и конзуларен статус, само го информирал амбасадорот дека во нашата држава медиумите се слободни и дека Владата не може да влијае во работата на медиумите, ниту за почесни конзули ниту за министри, со што разговорот завршил.
Подоцна, согласно протоколот, кабинетот на МНР барал средба со почесниот конзул за да се добијат дополнителни информации, но од МНР потенцираат дека токму конзулот (Митровски н.з.) немал интерес за официјална средба и таков состанок не се случил.
Од МНР бараат да не се шират вакви лаги преку поврзување на министерот Димитров со аферата, кои влијаат негативно и на државните интереси и истовремено го подриваат и самиот судски процес.