Освен од Министерството за надворешни работи, демант на наводите на СДСМ стигна и од ВМРО-ДПМНЕ од чии редови доаѓа шефот на дипломатијата. Оценија оти е комплетна невистина тоа дека сопругата на Муцунски патувала во Вашингтон
Иако постои дипломатска пракса министер за надворешни работи на официјални настани од ваков вид да биде формално придружуван од брачен партнер, вистината е дека на ова патување министерот не беше придружуван од својата сопруга. Ова, меѓу другото, е дел од соопштението со кое Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги демантира наводите на СДСМ оти сопругата на министерот патувала во Вашингтон.
Оценија оти вака изнесените наводи од страна на опозициската партија се лаги и невистини.

„Во целост ја демантираме информацијата доставена од страна на СДСМ до медиумите, поврзана со патувањето на министерот Тимчо Муцунски во Вашингтон. Министерот единствено беше придружуван од дипломати од Министерството и дипломатско-конзуларните претставништва, а кои се наоѓаа на списокот како дел од официјалната делегација“,
се додава во писменото сооптение на МНР.
Претходно денеска од СДСМ прашаа дали покрај синот на премиерот Христијан Мицкоски, и сопругата на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, патувала во САД заедно со македонската делегација.
Од опозициската партија побараа Муцунски веднаш да ја објави листата на сите кои на државен трошок патувале за Вашингтон, а од премиерот Мицкоски, пак, да ги покаже приватните сметки како доказ дека од сопствен џеб го платил патувањето на својот син во Соединетите Американски Држави.
Освен од МНР, демант на наводите на СДСМ стигна и од ВМРО-ДПМНЕ од чии редови доаѓа министерот за надворешни работи. Оценија оти е комплетна невистина тоа дека сопругата на Муцунски патувала во Вашингтон.
„Срамно и жално е што СДС и малиот Заев, Филипче станаа извор на лажни вести. Филипче требаше да излезе и да објасни како се стекна со суперлуксузна хациенда на падините на Водно како министер и суперлуксузно возило? Со која плата и кои извори на финансирање? Наместо одговори тие продуцираат лажни вести“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.