Во објаснувањето од МНР се вели дека ниту смееле ниту е правно издржано да отфрлат понуда која според критериумите била најповолна

Сите тврдења и обвинувања за наводно политичко влијание или каква било форма на нерегуларности во изборот на компанијата која треба да ја реконструира салата „Борис Трајковски“ ги отфрламе како тенденциозни и крајно шпекулативни, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи (МНР) испратено денеска, по реакциите дека зделката вредна 1,8 милиони евра ја доби фирма што е донатор на партијата ДУИ.
Од МНР посочуваат дека условот за избор на најповолен понудувач била најниската цена заради економично и ефикасно алоцирање на буџетот.
„Од четирите понудувачи, избраната компанија имаше далеку најконкурентна понудена цена согласно очекуваните количини предвидени во техничката спецификација, односно:
‘Еуровиа’ – 93.746.070 ден. (избран понудувач)
се наведува во соопштението од МНР.
Второрангирана – 120.668.981 ден.
Треторангирана – 134.015.461 ден.
Четврторангирана – 374.353.297 ден“,
Во објаснувањето од МНР се вели дека ниту смееле, ниту е правно издржано да отфрлат понуда која според критериумите била најповолна.
„Одговорно тврдиме дека не постои никакво влијание ниту нерегуларност во изборот на компанијата што е потврдено до второстепена комисија. Сите институции се добредојдени да го анализираат изборот како и спровдувањето на постапката која ќе биде по највисоките стандарди на ОБСЕ. Уште еднаш сакаме јасно да потенцираме дека специфичните барања за изведба на работите и нивниот квалитет, како и потребата за истите, се специфични барања на ОБСЕ согласно стандардите за организација на вакви настани“,
велат од МНР.
Исто така, се додава во соопштението, многу значајно е да се потенцира дека голем дел од инвестицијата останува понатаму на користење на Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Оттаму, велат од МНР, уште еднаш потенцираме дека целата постапка е изведена по врвни стандарди, притоа грижејќи се за економично управување со буџетот и избор на понудувач.
Од МНР апелираат до политичките чинители да не го злоупотребуваат овој настан и да не фрлаат дамка на претседателството со ОБСЕ.
„Министерството им стои на располагање на сите институции кои сакаат да добијат повеќе информации за процесот на избор на најповолен понудувач, но постапката и настанот не треба да бидат користени за дневна политика и манипулација кое наштетува на угледот, како на државата, така и на ОБСЕ како организација“,
се додава во соопштението од МНР.
По вчерашното објавување во медиумите дека Министерството за надворешни работи (МНР) ќе префрли 1,8 милиони евра на сметката на градежната фирма „Еуровиа“ од тетовско Желино, која треба да го адаптира Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за претстојната конференција на Министерскиот совет на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември годинава, денеска со коментар излезе и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Берово, рече дека секој министер во ДУИ си има своја фирма и преку неа, како што рече тој, ги краде граѓаните во тендери во четири очи.
Според Мицкоски, таков е и овој случај каде што фирма која претходно се легитимирала како донатор на ДУИ добива тендер, а со тој тендер треба да направи одредени градежни зафати во СЦ „Борис Трајковски“. Со тоа, рече Мицкоски, практично се легитимира и организаторот, а тоа е Бујар Османи, кој е во својство на министер за надворешни работи.
Фирмата „Еуровиа“ од тетовско Желино, чиј извршен директор е Елмедин Адеми – роднина на поранешниот министер од редовите на ДУИ, Абдилаќим Адеми, е избрана меѓу четирите компании што се пријавиле на тендерот за адаптација на СЦ „Борис Трајковски“, каде што во декември ќе се одржи министерска конференција на ОБСЕ.