На дневниот ред на 36.седница, која неочекувано ја закажа Џафери, од вкупно 29 точки, останаа само четирите за кои ВМРО-ДПМНЕ нудеше кворум. За редуцираниот дневен ред гласаа дури 87 пратеници
Пратениците од мнозинството и од опозицијата успеаја денеска да најдат компромисно решение за деблокада на законите од петтиот пакет антикризни мерки. Спикерот Џафери нема да закажува нова седница со четири точки, како што бараше опозицијата, ама од дневниот ред на тековната 36. седница ќе бидат тргнати повеќето други точки, освен законите за кои ВМРО-ДПМНЕ се понуди да обезбеди кворум.
Од 29 точки, на дневниот ред на 36. седница останаа само четири – една за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница, а другите три за имплементација на финансиската помош за фирми и физички лица – мерки што произлегуваат од петтиот антикризен пакет.
За повлекување на точките од дневниот ред гласаа дури 87 пратеници, односно речиси сите присутни во салата.
Четирите одлуки ќе се гласаат по скратена постапка откако за нив ќе заврши расправата во матичните комисии. Во меѓувреме, Собранието ја продолжи седницата за пратенички прашања.
До договор дојде за време на координацијата кај спикерот Талат Џафери, откако тој претходно ненадејно ја закажа 36. седница, иако за денеска беше предвидено да има само пратенички прашања.
Пред да се гласа дневниот ред на 36. седница, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски оцени дека дијалогот очигледно дал резултат. Тој соопшти дека неговата пратеничка група се согласува да се одложат за друга седница точките што се предложени од опозицијата, меѓу кои се и интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ, како и предлог-законот за поништување на Законот за попис.
Координаторот на СДСМ Јован Митревски, пак, ѝ се заблагодари на опозицијата што победил разумот и што нејзините пратеници се вратија во салата.