Најновата проекција на Меѓунродниот монетарен фонд е дека македонската економија годинава ќе има пад од четири проценти, но за следната предвидува раст од седум отсто.
Во извештајот објавен вчера, ММФ констатира дека Владата брзо одговорила со конкретни целни мерки и со привремена фискална поддршка за да се амортизира социјалниот и економскиот удар од кризата и да се заштити ликвидноста на компаниите, да се зачуваат работните места и да се помогне на невработените и најранливите категории граѓани, додека Народната банка ја намалила основната каматна стапка и направи измени во регулативата за да овозможи на комерцијалните банки да го реструктуираат долгот на компаниите и граѓаните.
„Владата останува цврсто посветена на заштита на стабилноста на монетарниот и финансискиот сектор и презема соодветни мерки што би биле неопходни“,
наведуваат од ММФ и додаваат дека Владата изрази силна заложба штом ќе заврши кризата од ковид – 19 да спроведе структурна реформска агенда за опоравување од кризата.
За јавниот долг на државата наведува дека останува одржлив, но со зголемени ризици.
Земјава побарала од ММФ 176 милиони евра, долг што според оваа меѓународна институција земјата има капцитет да го сервисира.
Сите економии во регионот ќе се соочат со проблеми
Во најновиот извештај ММФ предвидува пад на сите економии во регионот. Во Црна Гора и Хрватска од девет отсто, Албанија, БиХ и Косово од пет отсто, Бугарија четири и Србија три отсто.
За 2021 година проекциите за земјите од регионот се дека растот на БДП ќе се движи од 3,5 до осум отсто.
ММФ предвидува највисок раст следната година од осум отсто да има албанската еконоија, потоа Србија иК осово со 7,5, следи нашата економија со седум отсто, Црна Гора со 6,5 отсто, Бугарија со шест, Хрватска со 4,9 отсто и Босна и Херцеговина со 3,5 отсто.