Нееднаквост се лоцира и во однос на активностите за вакцинација, потенцирајќи дека сиромашните земји се соочуваат со „огромни тешкотии“
Развиените економии трошат во просек околу 24 проценти од бруто домашниот производ (БДП) на мерките за поддршка за време на пандемијата, во споредба со 6 проценти во оние во развој и 2 проценти во земјите со ниски приходи.
Поради тоа, шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, ги повика развиените земји да обезбедат поголема помош за земјите со ниски примања, предупредувајќи дека големите разлики во глобалниот раст, може да ја загрозат стабилноста и да предизвикаат социјални немири во годините што доаѓаат.
Исто така, ги повика високо задолжените земји да не чекаат со преструктуирање на долгот, изјавувајќи дека е подобро тоа да се стори порано отколку подоцна и да се подобрат условите за раст.
ММФ проценува дека дури 50 проценти од земјите во развој се изложени на ризик од натамошно заостанување, што предизвикува загриженост за нивната стабилност и потенцијални социјални немири.
„Кој е ризикот? Социјални немири. Можете да го наречете загуба на раст од една деценија. Може да биде загуба на една генерација (20-30 години)“, рече таа.
Нееднаквоста таа ја лоцира и во однос на активностите за вакцинација, потенцирајќи дека сиромашните земји се соочуваат со „огромни тешкотии“ и посочи дека само една земја во Африка, Мароко, почна да го вакцинира населението, што предизвикува сериозна загриженост за зголемената смртност во многу африкански земји.
Шефицата на ММФ кажа дека забрзувањето на вакцинацијата може да ја зајакне глобалната економија за 9 000 милијарди долари до 2025 година, при што 60 отсто корист од ова ќе имаат земјите во развој.