28-годишната девојка Елмира Сефо загина во синоќешниот земјотрес во БиХ, кога голема карпа паднала врз семејната куќа во градот Столац. Како што пренесува „Дневни аваз“, карпата паднала директно врз покривот на куќата на Сефо и ги повредила сите членови на семејството. Елмира, сепак, била потешко повредена. Таа била донесена во болницата во Мостар во тешка состојба и докторите не можеле да и го спасат животот.
„Дневни Аваз“ објави и фотографии од лице место, на кои се гледа огромна дупка на кровот на куќата. Полицијата врши увид.
Епицентарот на силниот земјотрес кој синоќа ја погоди БиХ е на 15 километри од Столац. Хрватската сеизмолошка служба информира дека земјотресот бил со јачина од 6,1 степени. Во наредните часови регистрирани се повеќе помали потреси. Освен во Столац, пријавена е и материјална штета во Мостар каде што се урнал оџак, како и во Љубиње и Чапљина. Корисниците на социјалните мрежи објавија и фотографии од помали одрони на некои патишта во Херцеговина кои наводно биле предизвикани од потресот.
Синоќешниот земјотрес со епицентар во БиХ е почувствуван и во Северна Македонија, Црна Гора, Хрватска, Србија, Словенија, Италија и Албанија.