Резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија не треба да поттикнува поделба, иако е резултат на недоверба во самиот процес, вели пратеничката и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Таа vо гостување на ТВ Алфа повтори дека автори на самата Резолуција, на супстратот, се МАНУ и УКИМ, додека формата, како што вели, ја дала пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мизрахи истакна дека таа е дел од населението кое што не верува во изјавите на власта во врска со националните интереси и преговорите со Бугарија.
„За мене е очекувано да биде оваа Резолуција прифатена од СДСМ. На пример, како би звучело во предизборие на локални избори да кажуваат дека биле против Резолуција која што вели – ‘Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет’. Како ќе бидете против ова?“,
кажа Мизрахи во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Денеска од СДСМ соопштија дека се подготвени да ја прифатат предлог-резолуцијата за исцртување на македонските црвени линии во однос на спорот со Бугарија. Помалиот коалициски партнер во власта, Демократски сојуз, исто така, денеска излезе со став дека парламентот треба да донесе резолуција и со тоа да се упати јасна порака до ЕУ и соседите дека никој нема право да го оспорува нашиот македонски национален идентитет, неговиот историски континуитет, како и јазикот. Од партијата додаваат дека очекуваат текстот од актуелниот предлог да се подобри. Резолуцијата е прифатлива и за ДОМ и за ЛДП.
Предлог-резолуцијата за црвените линии во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски ја објави во петокот на прес-конференција.