Мизрахи на прес-конференција рече дека Филипче директно или индиректно во неговото неработење дозволил системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби. Тоа, како што рече Мизрахи, се шеесетина дејствија спротивни на законите и со директно влијание по животите на пациентите
Дали единствената цел на вашата прес-конференција беше само срамно да се брани профитот на веледрогериите кои ги уценуваат здравствените институции со години. Тоа се истите оние веледрогерии кои преку уцените до здравствените институции ги крадат и во џеб на поединци ги ставаат парите на сите граѓани. Со ова прашање пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, реагира на денешната прес-конференција на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на која тој ги демантираше вчерашните обвинувања за негова наводна одговорност во врска со случајот со терапијата на Клиниката за онкологија.
Мизрахи на прес-конференција рече дека Филипче директно или индиректно во неговото неработење дозволил системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби. Тоа, како што рече Мизрахи, се шеесетина дејствија спротивни на законите и со директно влијание по животите на пациентите.
„Венко Филипче како поранешен министер за здравство во владата на СДС, а сега како претседател на СДС продолжи да тоне во калта уште подлабоко. Филипче денеска на прес-конференција побрза да се правда, но несмасно. Заглавен до гуша во скандалот Онкологија неговиот прес е безмалку бесрамен“,
рече Мизрахи.
Мизрахи рече дека извештаите од институциите доставени до Министерството за здравство во периоди од 6 месеци се согласно член 110 од Законот за здравствена заштита и се доставуваат од директорот на установите.
„Стручните комисии господине Филипче ги формира министерот и немаат никаква врска со шестмесечните извештаи, инаку тие се согласно членот 226 б, ако ве интересира. Согласно членот 295 надзор врз здравствените институции врши министерот и оттука следи неговата директна одговорност. Се чини дека во паниката во која се наоѓате го заборавивте и се надевам дека го заборавивте, а не дека не го познавате Законот за здравствена заштита, па оттаму и вашата прес-конференција на која ме прозивате е во тотален хаос“,
додаде таа.
Мизрахи обвинувајќи дека претходната власт оставиле долг од 12 милиони евра на Клиниката за онкологија, како и по неколку онколошки кризи меѓу кои и онаа познатата од септември 2023 година, го повика Филипче да признае наместо, како што рече, да се дави во кал.
„Треба час поскоро да признаете наместо да се давите во кал дека немало воспоставен систем, дека немало регистар, дека немало следливост на онколошката терапија, дека немало ништо освен системски башибозук. Го информираме Филипче дека денес институциите ги адресираат и веќе работат на отстранување на недостатоците кои претходната влада на СДС и тој како министер ги оставија под зад себе“,
рече Мизрахи додавајќи дека ако претходната влада мислела на пациентите немало да ја има состојбата што ја оставиле зад себе денес.
Денешната прес-конференција на Филипче следуваше откако вчера пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, обвини за негова наводна одговорност во врска со случајот со терапијата на Клиниката за онкологија.
Филипче додаде дека извештаите за коишто власта го клевети дека ги немало се доставени до него од страна на искрени и чесни вработени во Министерството кои, како што рече, знаат што направил за пациентите и за вработените во здравството. Рече дека сите извештаи се уредно заведени во електронскиот систем.
Лидерот на СДСМ ги повика пратеничката Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити да одговорат дали овие извештаи биле криени со цел да го вовлечат и обвинат во скандалот и дали истите не биле доставени до истражните органи кои водат постапка за случајот.
Мизрахи на вчерашната панел-дискусија на тема „Моќта на лековите, живот или профит“, кажа дека Анкетната комисија го сработила своето поврзано со скандалот со Онкологија, констатирајќи прекршување на над 60 членови од различни закони.
Мизрахи рече дека недостасувале известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, имало набавки на реверс преку коишто, како што наведе, Клиниката се довела во долгови до 12 милиони евра.