На партискиот настан во Вевчани, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја коментираше и оставката на членот на заедничката историска комисија со Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, при што ја обвини власта дека вршела притисоци за да се направи уште една трговија на штета на Македонија
Изјавите на Зоран Заев дека пораката од народот е примена и најавата дека играта се менува, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се само уште еден начин да се излажат граѓаните и потоа да продолжи да се однесува по старо. Меѓутоа, Мицкоски е уверен дека на вториот круг од локалните избори на 31 октомври, граѓаните ќе му порачаат на лидерот на СДСМ дека играта е завршена.

„Кога Заев најавува ’гејм чејнџ‘ (game change), како што тој вчера рече, тогаш сигурен сум дека народот на Македонија во недела ќе му испорача ’гејм овер‘ (game over). Играта заврши. ’Гејм овер‘ е потребен затоа што само така ќе им се стави крај на лагите, разочарувањата и корупцијата кои му ги носат на народот цели 5 години“,
рече Мицкоски на партиски настан во Вевчани каде во вториот круг кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Спасе Кочовски, ќе се соочи со Сашо Јанкоски од СДСМ.
Тој рече дека новата иднина ќе донесени промени, наспроти досегашните реалност која ја имаме со корумпирана власт.
„Новата иднина значи и промена на реалноста во која живееме. Реалноста и голиот живот кој покажува дека имаме власт која е корумпирана, криминална. Власт која се пазари со нашите најсвети чувства, власт со која цели 5 години се вртиме во истиот круг. Ја нема ниту Европската Унија која толку многу ја ветуваа, нема ниту живот каков што убедуваа дека ќе донесат. Но, затоа има борба за тендери, понижувања, притисоци и порази“,
кажа Мицкоски.
На партискиот настан тој ја коментираше и оставката на членот на заедничката историска комисија со Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, при што ја обвини власта дека вршела притисоци за да се направи уште една трговија на штета на Македонија.
Околу ова прашање, пак, претходно СДСМ го обвини Мицкоски дека стои зад оставката односно дека Ѓорѓиев ја дал по негова инструкција.