Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се обрати и до членовите на СДСМ, барајќи од нив сега да бидат погласни и да му се спротивстават на Заев. Им порача дека можеби имаат разлики, но целта им е иста – да го сочуваат идентитетот
Заев итно јавно да се извини за своите ставови изнесени на бугарски медиум, за навредите врз македонските граѓани и нашите предци херои. Тоа не е став на Македонија, нема право да го урива наследството од нашите претходници, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протест пред Владата, барајќи итна оставка од премиерот Зоран Заев.

„Ние сме за пријателство со соседите, за соработка, но не пријателство на свиткана кичма. Пријателство подразбира да си подадеме рака, да се погледнеме меѓу себе и да си помагаме. Ниту Бугарите имаат фајде од тоа ако нè понижат. Особено боли кога понижувањето доаѓа од својот род“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во обраќањето порача дека има работи кои не можат да бидат предмет на пазарење и кои се дел од нашиот идентитет и рече дека е време за повторно обединување, бидејќи ова е натпартиско прашање и нема место за калкулантство.

Toj oцени дека Заев ѝ се додворува на бугарската политичка елита, а со тоа, како што рече, се откажа од жртвите на илинденците и партизаните.
„Сакам да се обратам до членовите на СДСМ, се повикувате на антифашистичката борба и го имате полното право на тоа, но мора сега да бидете погласни и да се спротивставите, затоа што Зоран Заев не е Македонија. Бранејќи ја вашата партија од Заев, секој од вас ја брани Македонија. Имаме разлики, но имаме и заедничка цел, да го сочуваме образот и нашиот идентитет“,
рече Мицкоски.
Тој се обрати и до десничарите кои изминатиот период имаа забелешки за ВМРО-ДПМНЕ и им порача дека сега имаат опција да се придружат и заеднички да победат.
Мицкоски испрати порака и до сограѓаните Албанци, Турци, Роми, Срби…, велејќи дека знае оти тие разбираат дека на Македонците им е згазено достоинството и порача дека е сега време да се разбудат сите и да променат нешто, пред да биде доцна.
За утре тој најави нови активности со кои ќе го искажат својот револт. Како што рече, ќе се организираат блокади во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.

Вечерашниот протест партијата го најави по вчерашното интервју на премиерот Заев за БГНЕС. Протестот започна пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош, од каде со автомобили демонстрантите се движеа кон Владата.