„Подготвен сум да разговарам со секого, секаде врз основа на вистински договор што ќе нè однесе до целта, а не да го направиме само првиот чекор“, вели премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски, кој утре ќе присуствува на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта, вели дека не е планирано да има средба со бугарскиот претседател Румен Радев, но дека е подготвен на состанокот да седне и да разговара со секого.
„Подготвен сум да разговарам со секого, секаде врз основа на вистински договор што ќе не однесе до целта, а на да го направиме само првиот чекор“,
рече Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање.
Тој вели дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да прави грешки и оти кога ќе седнат на маса ќе преговараат до крајно решение.
„За жал, политичките криминалци во изминатите години што седум години ги заробија институциите во меѓувреме додека купуваа трговски центри и дуќани во центарот на главниот град ја распродаваа државата и правеа грешки. Ние такви грешки нема да правиме, кога ќе седнеме на маса, кога ќе преговараме, преговараме до крајно решение, не само еден чекор да направиме затоа што не сакаме вас граѓаните да ве држиме да бидете заложници“,
додаде Мицкоски.
Мицкоски и минатиот месец рече дека нема информација ниту, пак, дека е закажана средба негова средба со Радев откако претходно во јавноста проструија информации дека унгарскиот премиер Орбан на 7 ноември во Будимпешта има намера да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер и бугарскиот претседател.
Бугарскиот претседател Румен Радев тогаш рече дека не е потребно какво било посредување меѓу Бугарија и Македонија околу продолжувањето на процесот на интеграција на земјава во ЕУ. Тој упати Скопје да води дијалог со Брисел бидејќи Софија веќе не е вистинската адреса. Радев додаде и дека состојбата многу добро му ја објаснил и на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан утре ќе биде домаќин на десетици европски лидери во Будимпешта.
Европските собири ќе се одржат во арената „Пушкаш“ во Будимпешта – фудбалски стадион именуван по легендарниот унгарско-шпански играч Ференц Пушкаш – како одраз на страста на Орбан за спортот.