Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека на бирифингот со новинарите за случајот со РЕК „Битола“ не било посочено дека се работи за братот на премиерот, Вице Заев, и нејасно му е зошто имало реакции.
„Никаде јасно не посочивме дека во скандалот со изнудување пари од битолска фирма е замешано ова лице што го споменувате. Во Записникот од ОЈО стои името Вице Н., а зошто братот на премиерот се препознал и зошто беа потребни сите тие навреди и реакции кон мене, не знам. Јас никаде на тој брифинг со новинарите не го спомнав името и презимето на Вице Заев“,
рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посетата во Прилеп.
ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини за случај на висока корупција поврзан со тендер за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ кој бил пријавен во МВР, но за кој сѐ уште не се преземени какви било мерки.
Според опозициската партија, приказната почнува во 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Откако ова барање било одбиено, зашто, како што објасниле од „Рубитон“, тоа правно било неизводливо, Ковачевски, како што денеска брифираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, понудил друга опција – да платат 250 000 евра, во кеш, за да можат да продолжат непречено да ја извршуваат работата според договор утврден со добиениот тендер. Ако сопствениците на „Рубитон“ не сакале нему да му ја дадат сумата, тогаш предложил парите да ги однесат во Струмица кај лицето Вице Н.
Ова стои и во документите што ги презентираше Христијан Мицкоски, за кои тој тврди дека се добиени од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ).
Средба со Вице Н. била закажана, но не се одржала. На враќање кон Битола, како што стои во полициските белешки, сопствениците на „Рубитон“ добиле вибер-повик од Вице Н. кој им посочил дека друг човек, извесен Горан Крстев, ќе ја заврши работата во негово име. Парите не биле дадени, а до газдите на „Рубитон“ стигнале вибер-пораки од Вице Н. во кои се вели: „Ќе си ја тераш твојата работа, ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигне“. Оттогаш, како што се наведува во денеска презентираните документи, почнале проблемите на „Рубитон“ во РЕК „Битола“ – што на крај довело до раскинување на договорот и штета од околу половина милион евра.
Случајот бил пријавен во БЈБ и било составено известување кое на 27 февруари 2020 година, во времето на техничката влада во која партиципира и ВМРО-ДПМНЕ, е пратено до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Но, како што велат од опозициската партија, и тука се јавува сериозен проблем – постојат две верзии на известувањето. Во првата стоел делот со Вице Н., додека во втората Вице Н. бил изоставен.
Братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев вчера во изјава за „Фокус“ рече дека ништо од кажаното нема врска со реалноста, дека станува збор за лага и измислица.
„Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила“,
рече тој за „Фокус“ коментирајќи ги обвинувањата дека изнудил 250 000 евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК „Битола“.
И АД ЕСМ и РЕК „Битола“ ги демантираа обвинувањата на опозицијата и рекоа дека станува збор за истите обвинувања што веќе ги демантирале во 2019 и 2020 година.