Овие службеници треба да бидат топовското месо за да се заштити криминалот на власта. Одговорност ќе има веднаш по смената на власта, се вели во реакцијата на опозицискиот лидер, реагира опозицискиот лидер
Договорена работа, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во реакција на денешната пресуда за случајот „Двојник“ за издавањето пасоши на странци кои се осомничени за криминални активности и се бараат со меѓународни потерници.
За овој случај, нарекувајќи го „Мафија“, првите информации во јавноста ги пушти токму опозициската партија, по што следуваше и апсењето на службениците од МВР, а власта ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека сака да ја саботира акцијата.
„Кога ја објавив аферата ‘Мафија’, Спасовски и Заев рекоа дека сум направил саботажа. Денеска, кога судството на Заев суди по само две години затвор за тоа што над 200 криминалци од Шкаљарскиот клан, турската, албанската мафија, ИСИС, италијанската ’Ндрангета…. имаат македонски пасоши кои не се поништени, ги нема никаде да кажат збор. Затоа што овие службеници требаат да бидат топовското месо за да се заштити криминалот на власта. Договорена работа и голем срам! Одговорност ќе има веднаш по смената на власта“,
вели Мицкоски во реакцијата.
Денеска имаше пресуда за 5 обвинети кои признаа вина, од кои 4 се вработени во МВР, а кои се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања, додека еден е посредник кого обвинителството го обвини за поттикнување.
Откако на денешното прво рочиште тие признаа вина, судот изрече четири затворски казни, кои се движат од 2 години до 2 години и 7 месеци, и една условна. Максималната казна која им се закануваше според делата за кои беа обвинети од ОЈО Скопје, како што кажа судијката Оља Ристова, беше 3 години.
Во случајот што МВР го нарече „Двојник“, обвинети се вкупно 11 лица. Покрај петмината кои признаа вина, треба да има уште едно признание од вработена во МВР која денеска не можеше да се појави на првото рочиште од здравствени причини, но нејзиниот адвокат соопшти дека има намера да се изјасни за виновна.
За останатите 5 кои се изјаснија за невини, судењето ќе продолжи во петок.
Иако беше поднесен обвинителен предлог за 11 лица, од ОЈО Скопје најавија и дека ќе ја продолжат истрагата за да се открие евентуална вмешаност на повисоки структури во МВР.
„Надлежниот јавен обвинител до МВР издаде наредба за да се утврди кои лица во организациските единици на Министерството, според хиерархиска поставеност, биле обврзани да вршат надзор врз издавањето на пасошите, вклучувајќи ги и наведените спорни пасоши, во целиот критичен период. Ќе треба да се утврди кои вработени во МВР, освен сега обвинетите, имаат пристап до личните податоци (имиња, ЕМБГ и адреси) на државјани на Република Северна Македонија кои немаат извадено патни исправи“,
соопштија од обвинителството на 14 април 2021 кога беше поднесено обвинителниот предлог.