Во врска со пратениците од владејачката коалиција за кои тврди дека се подготвени да поддржат распуштање на парламентот и распишување на избори, Мицкоски рече дека не може да соопшти повеќе детали поради можни притисоци врз овие луѓе
Како краен период кога работите треба да станат појасни тој го наведе крајот на јануари и почетокот на февруари следната година
Охрабрени сме дека има пратеници од коалицијата која е во владата на ДУИ поддржана од СДСМ што веќе праќаат јасни сигнали дека сакаат да се „стави крај на ова криминално и коруптивно владеење на оваа коалиција“ и дека се подготвени во парламентот да поддржат распуштање и организирање на предвремени парламентарни избори, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој, одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на Општина Ѓорче Петров, индиректно ги отфрли тезите што денеска ги објави порталот „Плусинфо“ за наводна идеја на Зоран Заев за делење на власта меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, без партиципација на ДУИ.
„Јас не знам за кој текст станува збор. Но, од вашето прашање може да заклучам две работи. Зборувате за коалиција меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а од таа коалиција би отпаднала ДУИ и второто е таа коалиција да го надмине прашањето со Бугарија, односно тоа што претпоставува уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија има многу јасен и прецизен став. Овој парламент нема мандат да менува Устав затоа што ние пред граѓаните излеговме дека ќе градиме градинки дека ќе асфалтираме патишта дека ќе правиме булевари, дека ќе изведуваме канализации, ќе изведуваме водоводи. Доколку ја добиеме централната власт ќе работиме на нови автопатишта, на нови брзи пруги, на подобра економија, на повисоки плати, да ги вратиме младите кои се иселија, на подобро здравство, на подобро образование, тоа се работите кои ние ги ветувавме во таа кампања. Никој од нас не вети дека ќе менува Устав. Од друга страна, Владата на ДУИ поддржана од СДСМ потпиша анекс на Договорот за добрососедство со Бугарија, претпоставувам за да си ги продолжи за уште некој месец своите политички кариери, ветуваше нешто што не може да го испорача. Еве, очигледно е, шест месеци поминаа, нема услови да биде променет Уставот, тоа што го ветија не можат да го испорачаат“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повтори 14 и 21 мај како датуми на кои би се одржале предвремени парламентарни избори, затоа што, како што додаде, е јасно дека оваа владина коалиција „ваква каква што е“ не може да продолжи понатаму.
Во врска со пратениците од владејачката коалиција за кои тврди дека се подготвени да поддржат распуштање на парламентот и распишување на избори, Мицкоски рече дека не може да соопшти повеќе детали поради можни притисоци врз овие луѓе.
„Јас од објективни причини не можам да зборувам за повеќе детали имајќи го предвид дека имаме комплетно дуизирано обвинителство и дуизирано и сдсмизирано судство кои заедно со органите за прогон ќе вршат притисок врз тие луѓе. Затоа, ве молам, за трпение ќ, да почекаме да видиме дали до крај ќе го изодиме овој процес“,
изјави Мицкоски.
Како краен период кога работите треба да станат појасни тој го наведе крајот на јануари и почетокот на февруари следната година.
„Краен датум за да имаме избори се оние дати кои што ги кажавме 14 и 21 мај. Некаде таму во втората половина на јануари, почетокот на февруари ќе треба веќе се да е јасно. Но, да почекаме да видиме дека, конечно, можеме да зборуваме за 61 пратеник доколку тие немаат притисок, затоа не сакам да соопштам повеќе детали. Јас сум охрабрен од сигналите на тие луѓе што сакаат да видат вистинска борба со криминалот и корупцијата и да видат како Македонија оди напред. За жал, тие во сопствените редови во министрите во Владата на ДУИ поддржана од СДСМ тоа не го гледаат“,
рече Мицкоски.
На дополнително прашање дали коалција со СДСМ без ДУИ е прифатлива за ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски повтори дека за нив како партија е прифатливо да има предвремени парламентарни избори во мај.
„Граѓаните ќе одлучат каква ќе биде идната Влада. Може ВМРО-ДПМНЕ нема да ги добие тие избори, може СДСМ ќе ги добие, може ДУИ, може некој друг. Прво, да излеземе на тие избори и потоа можеме да зборуваме за повеќе детали. Затоа е важно да ги поддржиме овие луѓе, кои се охрабрија да дадат сигнали да останат на тие сигнали, заедно со нив да изгласаме недоверба на оваа влада, да го распуштиме парламентот и да одиме на предвремени парламентарни избори. Ако ме прашувате дали е време ДУИ да оди во опозиција, одговорот е – да, време е после 20 години. Тоа е добро и за ДУИ, внатрешно да може да се реструктуира затоа што 20 години, навистина, е предолг период да практикувате моќ и власт“,
подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.