„Владата оди чекор понапред и ги турка директно во бездна и сака да ги затвори РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ – двата стожери на македонската енергетска сувереност, а со тоа и сувереноста, во политичка смисла на државата, земајќи кредит од 100 милиони евра“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
За кредит од 100 милиони евра, Владата ги турка кон бездна двата стожери на македонската енергетска сувереност, РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, што би довело илјадници граѓани да останат на улица.
Ова денеска го изјави лидерот на најголемата опозициска партија во земјава, Христијан Мицкоски, коментирајќи дека доколку Владата го земе кредитот од 100 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), тоа ќе доведе до затворање на РЕК „Осломеј“ до крајот на следната, како и затворање на РЕК „Битола“ до крајот на 2027 година.
„Мислам дека Владата оди чекор понапред, односно ги турка директно во бездна и сака да ги затвори РЕК ‘Битола’ и РЕК ‘Осломеј’ – двата стожери на македонската енергетска сувереност, а со тоа и сувереноста, во политичка смисла на државата, земајќи кредит од 100 милиони евра. Отприлика толку тие ја процениле сувереноста на Македонија за да не ве чуди после зошто потпишуваат овие луѓе вакви договори какви што потпишуваат“,
вели Мицкоски.

Со потпишувањето на овој кредит, додава Мицкоски, четири илјади луѓе би останале на улица, а најмалку 40-ина илјади луѓе коишто соработуваат со АД-ЕСМ ќе трпат навистина сериозни загуби во тековното работење.
„Така што тој е погрешен пристап во енергетската политика која директно ја афектира и политичката сувереност на Македонија“,
истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека неговата партија ќе се спротивстави на ваквиот чекор на Владата.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе се бориме со сите сили кои што ги имаме во рамките на парламентот за ова да не се случи, туку напротив да најдеме сили и средства да ги модернизираме овие два производни комбинати и да се вратат на оние патеки што беа пред 7-8 години кога произведуваа рекордни количини на електрична енергија“,
потенцира Мицкоски.