Според Мицкоски, Владата планира да му вети кривична неказнивост на поранешниот прмиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна. Како што додава Мицкоски, Груевски треба да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени, пренесува „Дојче веле“ повикувајќи се на германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Новинарот Михаел Мартенс за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) пренесува разговор под наслов „Постојано нови барања за Северна Македонија“, а кој го водел со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.
„За да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови“,
тврди Мицкоски за „ФАЦ“.
Според него, Владата планира да му вети кривична неказнивост на поранешниот прмиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна. Како што додава Мицкоски, Груевски треба да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.
„Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата“,
тврди Мицкоски.
Во разговорот Мицкоски вели дека Владата верува оти може да ја подели ВМРО-ДПМНЕ, но тоа според него нема да успее.
„Направивме сѐ за нашата европска перспектива“,
вели Мицкоски.
Мицкоски за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ е дециден дека доколку не биде прифатен неговиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот и покрај тоа што, како што вели, постојано се поставуваат нови барања.
Во разговорот Мицкоски говори и за ветото од Бугарија. „ФАЦ“ известува дека „конзервативаната партија ВМРО-ДПМНЕ има јасна предност во сите анкети“ и дека би го поддржала бугарското барање под еден услов. Предлогот на лидерот на опозицијата е „условена уставна измена“, односно уставните измени да се изгласаат, но да стапат во сила на денот кога Северна Македонија ќе стане членка на Европската унија.
„Немаме ништо против Бугарите да бидат споменати во Преамбулата на нашиот Устав. Но, кој ни гарантира дека тоа е последно барање од Бугарија?“,
прашува Мицкоски отсликувајќи го не само темелниот дефицит на доверба кој во меѓувреме владее во однос на Бугарија, туку и кон ЕУ во целина, пишува „ФАЦ“.