Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е подготвен на соработка, но под одредени услови
Досега немало сериозна понуда од власта за вклучување на опозицијата во преговорите со Бугарија, вели за Дојче веле, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додава дека е подготвен да разговара за секое прашање, но само доколку сите заеднички се согласат дека мора да се зачуваат идентитетски линии и стратегиски интереси.
„Ниту, пак, Владата најде за потребно да информира за содржината на разговорите. Дополнително главните информации се добиваат од медиумите што говори за две работи, или несериозно се пристапува кон вака еден сериозен процес, или Владата крие нешто од јавноста што е штетно за државата. Содржината на разговорите и одговорите на прашалникот ‘пет плус еден’ од неразбирливи причини е тајна, а нашите информации говорат дека со него сериозно се нарушува идентитетската линија која мора да се сочува. Дополнително, Владата како да се плаши од Делчев и на тој неразбирлив начин сака да му се додвори на источниот сосед, на сопствена штета“,
вели Мицкоски за ДВ.
Тој вели дека е подготвен за разговори за секое прашање, но, како што потенцира, само доколку сите заеднички се согласиме дека мора да ги зачуваме нашите идентитетски линии и стратегиски интереси.
Од Владата вчера уште еднаш ја повторија отворената поканата до опозицијата да се вклучи на, како што велат, конструктивен начин во процесите кои се од врвен интерес за евроинтеграциската иднина на Северна Македонија.
„Сметаме дека вистинскиот пат кон решение на отворените прашања е преку интензивирање на дијалогот на работните групи од двете земји, релаксирање на односите и фокус на развојот на односите во сите сфери. Резултатите, за кратко време, се веќе видливи“,
истакнуваат од Владата.
Во однос на декларацијата на опозицијата за Гоце Делчев истакнуваат дека Собранието веќе усвои резолуција за утврдување на државните позиции во преговорите со Бугарија, Гоце Делчев воопшто не е предмет на преговори и Владата смета дека е непотребно донесување ваква декларација.