„Веќе оваа пролет започнуваме со сето она кое е ветено во програмата на градоначалникот, она кое што го ветувавме како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да го реализираме и испорачуваме на прилепчани“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред прилепчани
Христијан Мицкоски, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за време на денешната посета на Прилеп, покрај честитиките што им ги упати на жителите на градот по повод 11 Октомври- Денот на народното востание, во градоначалнички манир најави и повеќе инфраструктирни проекти во градот, кои, како што рече, треба да почнат следната пролет.

„Ќе ми дозволите да го честитам овој голем македонски празник, голем македонски ден а тоа е почетокот на борбата на македонскиот народ за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна. Многу значаен овде во Прилеп, бидејќи токму од тука од Прилеп е започната таа борба на ослободување која што денес практично ја донесе оваа независна, суверена македонска држава во срцето на Балканот. Инаку од она што покрај вас сакам да го прокоменитрам е фактот што го кажа и градоначалникот дека еве овој капитален проект во центарот на Прилеп практично завршува. Бевме и на цевководот на Пашовски ливади кој ќе обезбеди 10-15 отсто дополнителни количини на питка вода“,
рече Мицкоски.
Тој истакна дека напролет почнува градежна офанзива, со повеќе од четириесетина улици во прилепската општина.
„Проектот кој е значаен и капитален, а тоа е влезот од Крушево, Кривогаштани е предаден во Министерството за транспорт и врски и очекуваме Министерството конечно да ја заврши процедурата и да отпочне со реализација на тој проект. Во фаза на подготовка се уште два други проекти, познатата обиколница Сивец, да не доаѓаат тешките камиони овде во Прилеп, туку да го заобиколуваат Прилеп. Исто така и влезот од кај Македонски Брод е во фаза на подготовка. Потоа геолошките истраги за новата катна гаража во центарот на Прилеп“,
истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
Мицкоски додаде дека со тоа од состојба на многу проблеми и нула проекти „наеднаш ќе имаме многу проекти.
„Веќе оваа пролет започнуваме со сето она кое е ветено во програмата на градоначалникот, она кое што го ветувавме како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ да го реализираме и испорачуваме на прилепчани“,
порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред прилепчани.