Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сценариото на СДСМ во четири чекори е: предизборна измама, национално предавство, па пљачка и криминал и на крајот заробување на судството и на обвинителството
Реалноста во која сега живеат граѓаните е тешка, мачна, а ова политичко мочуриште изобилува со многу неправда и понижување. Затоа овие избори не се обични. На овие избори граѓаните избираат во каква Македонија сакаат да живеат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со граѓани во Дојран.
„Ова е тој момент, таа крстосница кога ние треба да го избереме вистинскиот пат. Дали ќе зборуваме за политичари кои се присутни на политичката сцена уште во времето на транзицијата, истрошени, потрошени кои буквално немаат што да понудат. Или политичари кои имаат визија, стратегија, план како да се справат со предизвиците. Дали ќе зборуваме за држава во која срамот, понижувањето и предавствата ќе царуваат или држава каде што гордоста, чесноста и честитоста ќе бидат основна вредност. Држава во која што ќе гледаме луѓе кои се партнери со криминалците и корупцијата, или држава каде што ќе имаме бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата“,
нагласи Мицкоски.
Според него, матрицата на СДСМ е предизборна измама. Тоа, како што рече, е првиот чекор, а, ако им помине лагата, тогаш тогаш вториот чекор е национално предавство и срам. Според Мицкоски, следи третиот чекор – пљачка, криминал и корупција.
„И сосема на крај, откако ќе ги заробат обвинителството и судството, тие ќе им служат за пресметка со политичките противници и за амнестија за минатите неправди од претходните влади. Заев, за да дојде на власт, како влог ја става Македонија, говори за нејзина федерализација. Доста беше од политичари или министри кои што одлучуваат во канцеларии. Нас ни се потребни современи европски, народни политичари кои заедно со народот ќе ги креираат проектите за иднината на сопствената земја. Нема повеќе шефови на партии, туку има политичари кои заедно со народот ќе работат во интерес на народот“,
потенцира Мицкоски.