„Баш би сакал сега да го слушнам оправдувањето од Владата во кој дел од заклучоците од Советот на ЕУ, во кој дел на Преговарачката рамка и во кој дел на Протоколот овој текст, на овие уставни измени, е содржан“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи координација на која ќе го договори настапот на пратеничката група на партијата во Комисијата за уставни прашања на чиј дневен ред треба да се најде предлог-иницијативата за уставни измени, но не отстапува од позицијата дека нема да прифати промена на Уставот под бугарски диктат.

Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со предлог-иницијативата за уставни измени која вчера беше усвоена на владина седница, по што Владата ја испрати во натамошна постапка во Собранието.
„Нема да го поддржиме овој процес вака како што е предвиден од страна на Ковачевски и ДУИ, а за тоа како ќе се однесуваме на самата седница на Комисијата, а потоа и на седницата во рамките на парламентот, ќе утврдиме на дополнително на координација на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“,
рече лидерот на опозицијата.
Притоа, Мицкоски излезе со оценка дека текстот за уставните измени кој е усвоен од Владата е наразумен и не е содржан во заклучоците од Советот на ЕУ, во Преговарачката рамка и Протоколот.
„Владата го усложнува процесот со тоа што дефинираше текст на уставните измени којшто не само што не е прифатлив, туку можам да кажам дека е тотално неразумен и ваков каков што е дополнително ги загрозува позициите на Македонија во рамките на напредокот кон полноправно членство во ЕУ. Баш би сакал сега да го слушнам оправдувањето од Владата во кој дел од заклучоците од Советот на ЕУ, во кој дел на Преговарачката рамка, и во кој дел на Протоколот овој текст на овие уставни измени е содржан“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија во изјавата не објасни конкретно на што мисли кога вели дека владиниот текст за уставните измени е неприфатлив. Не сакаше да ја коментира ниту изјавата на премиерот Димитар Ковачевски, кој по усвојувањето на предлогот за уставни измени од Владата, денеска изјави дека уставните измени не задираат во ниту едно идентитетско прашање.
„Зарем треба да коментираме што вели Ковачевски? Тоа му рекле да коментира и тоа коментира, не верувам дека ја разбира суштината. Изминатиов период потпишуваа договори коишто не беа општествено искоординирани односно поддржани, притоа коленичејќи пред меѓународната заедница за да останат ден-два повеќе на власт. Сега не можат да ги испорачаат затоа што немаат кредибилитет како Влада, народот не им верува, а ВМРО-ДПМНЕ беше комплетно исфрлена од овој процес. Потпишаа нешто што нема ниту општествен ниту политички консензус и сега тоа нешто не можат да го испорачаат и прават дополнителен проблем во евроинтегративниот процес на Македонија“,
додаде Мицкоски.
Изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ следува откако Владата вчера ја усвои предлог-иницијативата за уставни измени со која Бугарите и други делови од народи треба да се внесат во Уставот, што земјава треба да ги направи за да продолжи со евроинтегративниот процес.
Вака усвоениот предлог денеска е доставен до претседателот Собранието, со што предложените измени влегуваат во понатамошна парламентарна процедура.
Пленарната седница на која пред пратениците ќе се најдат амандманите за уставните измени е закажана за 18 август во 11 часот. Претходно, на 25 јули, е закажана седница на Комисијата за уставни прашања, која треба да расправа по оваа точка најмногу 10 работни дена.